Делириум во Италија: Локалниот херој Де Росе ја освои првата победа настапувајќи со „вајлдкард“

Photographer Credit:
Romina Amato/Red Bull Content PoolPhotographer Credit: Romina Amato/Red Bull Content Pool

Алесандро Де Росе стигна до сензационална победа на домашен терен во третото натпреварување од светската серија Red Bull Cliff Diving за 2017 година одржано во Полињано а Маре, покажувајќи челични нерви за да направи безгрешен скок во последната серија и да ја „запали“ публиката која броеше 50.000 луѓе. Ова е прв случај некој да триумфира во машка конкуренција со „вајлдкард“, па 25-годишниот Италијанец беше преплавен од емоции кога неговиот резултат беше објавен.

Американците Дејвид Колтури и Енди Џонс му се придружија на подиумот, освојувајќи ги второто и третото место. Актуелниот шампион Гари Хант не влезе во последната рунда, па Британецот сега за прв пат го изгуби водството во генералниот пласман, каде што сега води Колумбиецот Орландо Дуке кој освои бодови за пласманот на шестото место.

Успешното патување до Полињано а Маре започна од новиот дом на Де Росе во Трст, по што пројде низ најубавите дестинации на Италија, за конечно да го достигне врвот на 27-метарската платформа над Јадранското море. На пеколно жешкиот ден на југот од Италија, заинтересираната публика дојде за да ги гледа најдобрите скокачи од карпи на светот, а токму еден нивни земјак ги воодушеви сите присутни на плажата и покрај карпите. Единствениот Италијанец во ова светско натпреварување изведе четири впечатливи скокови во двата натпреварувачки дена и со тоа стана првиот учесник со „вајлдкард“ што постигнал таков успех во машкото натпреварување.

– Се уште не ми е јасно што се случи. Во еден момент бев на платформата, нурнав во водата и луѓето врескаа. Денеска публиката многу ми помогна. Секогаш кога ќе бев на платформата, имав голема трема. Но штом ќе ги чуев луѓето одоздола, малку ми се смируваше срцето. Знаев дека луѓето се со мене и требаше само да изведам скок како што умеам. Ова е вистинско остварување на сонот. Орландо е легенда, Гери е легенда, а јас бев подобар од нив,- изјави победникот Де Роси.

Исто така, по долго отстуство, на подиумот се врати и Американецот Колтури, кој го освои својот деветти подиум при неговото 40-то појавување во ова светското првенство. Неговиот сонародник Џонс, заврши како трет, што е негов втор ваков пласман сезонава, по оној пред еден месец во Ирска. На половина пат во сезоната, 32-годишниот нуркач Џонс ја има оваа позиција и во генералниот пласман. Пред него на второ место е актуелниот шампион Гари Хант. Рекордниот победник од Англија се коцкаше изведувајќи го најтешкиот скок, но тоа не помина најдобро, па тој ја пропушти последната рунда резервирана за најдобрите осуммина на оваа локација, исто како и претходната година. Новиот лидер во генералниот пласман од машкото првенство е легендарниот нуркач од Колумбија, Орландо Дуке, кој на претходното натпреварување на Азорските острови ја имаше својата прва победа во 27 учества.

Кај жените, неверојатната шампионка од лани, Ријана Ифленд од Австралија, имаше враќање во голем стил и ја обезбеди својата седма победа од десет натпреварувања. Таа повторно е во одлична форма, откако на претходното натпреварување го пропушти подиумот за првпат по серија од девет настапи. Во денот исполнет со драматични моменти, останатите две места зад Ифланд беа резервирани за нуркачки со „вајлд“ карти. Бразилката Жаклин Валенте го обезбеди својот прв подиум во кариерата освојувајќи го второто место, додека Германката Ана Бадер втор пат по ред се искачи на третото во нејзините два настапи откако заврши со породолното отсуство.

– Многу добро се чувствував горе. При првиот скок чувствував мал притисок, зашто Џинџер имаше фантастична изведба, а вториот пат Блејк беше горе и ми кажуваше што треба да направам и како да направам. Но си реков дека ќе уживам и дека нема да се нервирам. Имав одличен скок, па затоа сум многу возбудена. Бев повредена, па тоа ми беше главна грижа минатата недела, додека се обидував да заздравам за следните натпреварувања. Чувствував голем притисок, па ми беше тешко на првиот ден од тренингот, но сега не можам да бидам посреќна,- рече Ифланд.

Во генералниот пласман за учесничките од платформата поставена 21 метар над водата, Австралијанката води пред Мексиканката, што значи дека победничката на претходниот настан, Адријана Хименез е на второто место, додека Џинџер Хубер од САД, која го изведе скокот со најголем број поени во натпреварувањето, добивајќи „деветки“ од судиите, го има третото место на табелата.

По три настани во период од пет недели, светската серија ќе има летна пауза по што ќе отпатува преку Атлантскиот океан до Тексас, САД, на 3 септември.

Резултати (мажи): 1. Алесандро де Росе (Италија) 397 поени, 2. Дејвид Колтури (САД) 389,2 поени, 3. Енди Џонс (САД) 378,55, 4. Џонатан Паредес (Мексико) 377,75, 5. Михал Навратил (Чешка) 370,85, 6. Орландо Дуке (Колумбија) 357,3 поени, 7. Блејк Олдриџ (Велика Британија) 326,7 поени, 8. Артем Силченко (Русија) 320,4, 9. Гери Хант (Велика Британија) 248,2 поени, 10. Серхио Гузман (Мексико) 236,3, 11. Виктар Маслоуски (Белорусија) 232,4, 12. Стивен ЛоБуе (САД) 223,35, 13. Крис Коланус (Полска) 216,1, 14. Овен Вејмаут (Велика Британија) 205,95.

Резултати (жени): 1. Ријана Ајфленд (Австралија) 305,80 поени, 2. Жаклин Валенте (Бразил) 280,15 поени, 3. Ана Бадер (Германија) 279,05, 4. Адријана Хименез (Мексико) 269,55, 5. Хелена Мертен (Австралија) 263,8, 6. Џинџер Хубер (САД) 263,6, 7. Еленор Таунсенд Смарт (САД) 232,7, 8. Сесил Карлтон (САД) 219,8 поени.

Табела (мажи): 1. Орландо Дуке (Колумбија) 380 поени, 2. Гери Хант (Велика Британија) 370 поени, 3. Енди Џонс (САД) 300 поени, 4. Џонатан Паредес (Мексико) 290 поени, 5. Блејк Олдриџ (Велика Британија) 280 поени, 5. Дејвид Колтури (САД) 280 поени.

Табела (жени): 1. Ријана Ифленд (Австралија) 490 поени, 2. Адријана Хименез (Мексико) 360 поени, 3. Џинџер Хубер (САД) 340 поени, 4. Хелена Мертен (Австралија) 320 поени, 5. Ана Бадер (Германија) 260 поени.

Facebook Коментари