Давитков задоволен од изданието во Словачка, но посочи и една слабост

Davitkov

Македонската кошаркарска репрезентација се прикажа во одлично издание и оствари победа од 66:74 на гостувањето кај Словачка, триумф со кој на најпосакуван можен начин се стартуваа претквалификациите за пласман на ЕП во 2021 година.

Нашата најсилна селекција после подолго време оствари една победа на официјален натпревар и се израдува на едно доминантно издание во кое имаше предност од почетокот до самиот крај, а задоволен од прикажаното беше и селекторот Јорданчо Давитков кој сепак укажа на една слабост, односно на опаѓањето на концентрацијата во завршниот период.

– Одигравме добар натпревар, без разлика на крајот. Во секој случај, особено во првите три четвртини, игравме одлична кошарка. Сите игачи го испочитуваа она за што се договоривме пред натпреварот. Игравме одлична одбрана на Кјурик, успеавме да го отсечеме комплетно. Во последната четвртина малку ни опадна концентрацијата, тие погодија некои нелогични тројки, нешто што сепак успеавме да го исконтролираме. Ме радува тоа што цело време имавме контрола над резултатот. Секако дека сум задоволен од играта и од победата, со мислите одиме понатаму бидејќи за три дена играме против Швајцарија во Скопје, – вели селекторот Давитков.

Facebook Коментари