Давитков ги поздрави кошаркарските фанови во Македонија: Не навикнавме на вакво нешто

davitkov-malinkov-gecevski

Македонската кошаркарска репрезентација изминатава вечер ја оствари и втората победа во претквалификациската група за Европското првенство, а за разлика од претходно, нашите играчи овојпат крај себе имаа и голем број на македонски љубители на кошарката кои одлучија да им дадат поддршка на избраниците на Јорданчо Давитков.

Полните трибини во „Јане Сандански“ оставија една навистина поубава слика за претквалификацискиот натпревар и глобално за кошарката во нашата земја, а тоа особено го израдува селекторот Давитков кој призна дека неговите играчи имале и трема бидејќи не навикнале да играат пред толку публика.

– Да бидам искрен, натпреварот одеше малку потешко од тоа што го очекувавме. Играчите беа преимпресионирани од присуството на големиот број на гледачи, па можеби затоа во првиот дел игравме стегнато. Не навикнавме на вакво нешто, навикнавме да играме пред речиси празни трибини. Сепак, им благодариме на сите македонски фанови на кошарката за големата поддршка, навистина ни беше потребна и убаво е да се почувствува тоа. Што се однесува до самиот меч, одбраната во првиот дел не фукционираше како што треба, не знаевме како да ги спречиме нивните центри, но во второто полувреме веќе ги корегиравме тие работи, – изјави македонскиот селектор, на кого се надоврза и  Бобан Стајиќ.

– Сакам да му се заблагодарам на секој поединец што дојде во салата да нѐ поддржи. По многу долго време играме пред речиси полни трибини. Атмосферата беше одлична. Тоа беше голем плус за нас.  На почетокот ни беше доста тешко, противникот беше навистина непознат за нас, па затоа дури во втората половина ја прилагодивме нашата игра на нивната. Успеавме да го запреме нивниот напад и на крајот тоа ни ја донесе победата и тоа убедлива, – порача Стајиќ.

 

 

Facebook Коментари