Поврзете се со нас

АВТО МОТО

Давидовски по триумфот во ТЦР Европа: Знаев дека победата е на дофат!

Објавено

на

Триумфот на Виктор Давидовски во четвртата рунда од ТЦР Европа за многумина претставува изненадување, но не и за македонскиот возач.

Во интервјуто за „Дерби“, Давидовски открива дека бил под огромен личен притисок за да не направи грешка на денешниот настап, бидејќи знаел дека има шанса за победа благодарение на одлично подготвениот автомобил Ауди РС3 ЛМС од страна на неговите инженери и механичари.

ДЕРБИ: По втор пат се случува да стартуваш од првото стартно место, но овој пат успеа да ја претвориш во победа. Што беше клучно за триумфот?

– Уште по вчерашните квалификации знаев дека ќе добијам шанса согласно правилата и бев убеден дека имам шанса за победа, дека толку посакуваниот триумф е на дофат. Возилото беше навистина добро и притисокот беше голем бидејќи бев свесен дека на крајот ќе зависи од мене. Лани имавме проблеми кога попуштија пневматиците, овој пат тоа не беше случај. Во зимскиот подготвителен период работев на себе, на подобрување на концентрацијата и на зачувување на фокусот. Не сакав да дозволам грешка. Имав солиден старт и потоа притиснав колку што можев за да се одвојам. Времето што го поставив во вториот круг е воедно и најбрз круг во трката. Имав чувство дека ја контролирам трката и дека се помина во најдобар ред! Сите во тимот ја завршивме својата задача на високо ниво и сега можеме да уживаме во резултатот. Ми олесна дури кога ја слушнав македонската химна на подиумот.

ДЕРБИ: Се чувствуваше ли загрозен кога ти се доближи еден од конкурентите во финишот? Дали тоа беше бидејќи ти го забави темпото или пак нивните перформанси им го овозможија тоа?

– Уште по вчерашната трка бев повикан од стјуардите и ми беше укажано дека други возачи барале да бидам санкциониран за излегување од патеката. Добив опомена и ја сфатив сериозно, па не сакав да ризикувам да бидам дисквалификуван. Сепак, повторно добив опомена и преку радио врската од тимот добив совет да „олабавам“ во проблематичниот дел на патеката. Не знам точно со која брзина располагале ривалите, но сепак никој не ми се доближи доволно за да ме нападне. Задоволен сум како успеав да се справам со ситуацијата и добив честитки и од тимот, но и од многу колеги.

ДЕРБИ: Какво е чувството да си победник во едно вака силно натпреварување, каде што конкуренцијата е составена претежно од професионални возачи, кои се платени за својата работа и имаат неколкукратно поголемо искуство во овој тип на трки?

– Токму високото ниво на ова натпреварување прави во овој момент да сум исцрпен и со голема главоболка. Сите изјави, прес конференции, брифинг со тимот, комуникација на различни јазици, едноставно ме исцрпеа и не ми дадоа можност да се израдувам колку што сакав и мечтаев за оваа прва победа во ТЦР Европа. Единствено можам да кажам дека уште од сега знам дека на следната трка во Белгија, која се вози на „домашен терен“ за нашата екипа „Comtoyou Racing“ во Спа Франкоршамп, мојата самодоверба ќе биде поголема, а исто така и желбата за нови победи. Во оваа прилика сакам јавно да се заблагодарам на мојот тим за соработката на овој гран при викенд, а исто така и на сите мои навивачи и поддржувачи со кои минатите четири години соработував во „ПСС Рејсинг“.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни