Давидовски доби крилја на „Ред Бул Ринг“

viktor 1

Виктор Давидовски успеа да ги прокнижи првите три бода во европското првенство со туринг возила (ТЦР Европа), иако стартуваше од 26 место и имаше страотен инцидент во првата трка.

Возачот на „ПСС Рејсинг“ информираше дека поради зимските тестирања на оваа патека се декларира за оптимист уште пред почетокот на натпреварувањето, но работите се замрсија откако возилото беше уништено во првата трка.

– Имавме одличен вовед во овој викенд, па на првиот тренинг го имавме и 11 време севкупно. Сепак, наместо да продолжиме во таа насока, на вториот тренинг експериментиравме, а тоа не ни се исплатеше во резултатска смисла. На квалификациите завршивме на 26 место и во првата трка моравме да се соочиме со старт од опашката. Тоа не доведе до инцидентот и уништувањето на возилото, по што целата екипа работеше напорно за да го подготвиме за втората трка денеска. Еден од ривалите, Жулиен Брише, смени мотор па стартуваше зад нас. Од 25 место стигнав до 18 во само еден круг. Трката беше многу напната, стартувавме на суво време, а во втората половина возевме на влажно поради сите дожд. Нашиот сет-ап беше за суво, па поради тоа моравме да тактизираме и да не ризикуваме во финишот. Реално, на сувата патеката автомобилот беше возлив, инженерите го дотераа токму по мој вкус, па тоа се огледуваше и низ фактот дека бевме најдобро пласираната Хонда од сите учесници. Првите три бода претставуваат големо олеснување заради досегашниот вложен напор!

viktor 2

За преостанатите три трки од календарот на европскот првенство Давидовски вели дека сега има повисоки очекувања.

– Нормално дека овој резултат е стимул за во иднина. Сега апетитите растат, па си поставуваме задача да не бидеме само во бодови, туку и меѓу првите десет. За тоа да се случи, мораме најмногу да се подобриме во квалификациите, тоа е убедливо нашата најслаба страна во моментов. Ошерслебен е исто така патека што ја познаваме од зимските тестирања, додека последните две трки се на патеки кои ги возевме и лани, во Барселона и во Монца. Од првата трка во ТЦР Европа зборуваме колку е важно искуството и извозените километри, а сега сето тоа доаѓа до израз. Голема благодарност им должам на сите од мојот тим за беспрекорната работа околу подготвување на возилото,- изјави Давидовски.

Со оваа трка во Шпилберг календарот на ТЦР Европа навлезе во својата втора половина, односно извозени се четири од предвидените седум гран при викенди, при што на секој од нив се возат по две трки. Следниот тркачки викенд е на 3 и 4 август, крај германската престолнина Берлин, на патеката Ошерслебен.

Facebook Коментари