Цветковски позитивен: Со Раул и Царчев се работи квалитетно!

ehf nedela jane cvetkovski between posts

Јане Цветковски беше едно од новите имиња на списокот на Раул Гонзалес за време на штотуку завршената ЕХФ недела, при што Шпанецот за „Дерби“ рече дека сега ја има потребната бројка ракометари во поширокиот состав од кои ќе избира за јануарскиот настап на ЕП во Хрватска.

Голманот на шведскиот вицешампион Иштад веќе четири сезони е надвор од Македонија и ја гради својата интернационална кариера демонстрирајќи одлична форма, па сега влегува во потесниот избор за наследник на историски најуспешниот чувар на мрежата, Борко Ристовски:

ДЕРБИ: Што значеше овој повик за тебе, дали го доживеа како предизвик или сатисфакција?

– Искрено се чувствував како да сум бил со играчите на секој претходен собир до сега. Бев коректно прифатен, брзо се вклопив на системот на подготовки кој го наметнуваа Раул и Парондо, како и тренерот на голманите Александар Царчев. Мислам дека во овој момент повикот за мене повеќе е предизвик, бидејќи сметам дека можам да придонесам за подобри резултати на тимот во иднина. Сатисфакцијата дека си дел од националната селекција годи секому, но во спортот постојано си предмет на оценување, така што не преостанува ништо друго освен секогаш да работиш напорно на тренинзите и да даваш се од себе на натпреварите.

ДЕРБИ: Како ги оценуваш подготовките, како ти помина оваа ЕХФ недела?

– Различно е кога се во прашање клубски подготовки, особено во Скандинавија каде што се инсистира на кондициски тренинзи. Во репрезентација се работи повеќе тактички, се мери секој потег. Од таа гледна точка, сосема го разбирам ставот да немаме натпревар и имам впечаток дека одработивме квалитетни подготовки, имавме шанса навистина да се посветиме.

ДЕРБИ: Се враќаш назад во Шведска, какви ти се плановите таму?

– Интенцијата на клубот е да се бори за врвот на табелата. Иако сме од мало место, градот живее за ракометот и досега во два наврати Иштад бил шампион на Шведска. Ни претстои период во кој ќе играме со главните ривали за висок пласман, како Алингсос, Малме, Луги и Кристијанштад, така што сигурен сум дека ќе работиме во полн режим и ќе успеам да ја одржам формата на највисоко ниво.

ehf nedela carchev krila i golmani 2017

Facebook Коментари