Чудно дерби во Лондон: Канте ја направи првата голема грешка во Премиер лигата, Арсенал освои херојски бод на „Стемфорд Бриџ“

martineli-1

Големото лондонско дерби меѓу Челси и Арсенал одново донесе вистинска возбуда, а истовремено понуди и фудбалска драма која секогаш предизвикува посебна страст меѓу фудбалските фанови.

Дерби пресметката на „Стемфорд Бриџ“ понуди четири погодоци, еден црвен картон, но и две почетнички грешки кои ги направија Шкодран Мустафи и Нголо Канте. Гостиварецот со своето лошо додавање му овозможи на Ејбрахам да се најде во стопроцентна шанса, а Давид Луиз во обид да ја поправи грешката на соиграчот, направи пенал и истовремено доби црвен картон. Со оглед на тоа што Жоржињо го реализираше пеналот, уште во првото полувреме се доби впечаток дека Челси има огромна предност, но вториот дел донесе уште една несекојдневна грешка.

Истата е уште почудна бидејќи ја направи Нголо Канте, фудбалерот кој е еден од најстандардните во Премиер лигата во последните неколку сезони. Французинот се лизна на средината на теренот кога беше последен играч и му овозможи на Мартинели да израмни на 1:1 во 63-та минута, а само шест минути подоцна беше повлечен од игра.

Челси одново дојде до водство по еден карамбол во кој највешт беше Аспиликуета, но погодокот на Шпанецот во 84-та минута не се покажа како одлучувачки. Арсенал покажа карактер и по вторпат успеа да израмни со играч помалку, откако Белерин маестрално прецизно биеше во мрежата на Кепа за конечни 2:2 на три минути пред истекот на 90-та минута.

Facebook Коментари