Червар: Дуелот со Бешикташ ни е најважниот натпревар на домашен терен

lino cervar press pred besiktas 2017

Металург прокнижи два пораза минатата седмица, најпрво со францускиот Монпелје во Лигата на шампионите, а потоа и со Војводина во Нови Сад, но веќе в недела има нова пресметка со турскиот клуб Бешикташ од второто коло на ЛШ.

Лино Червар е оптимист дека младата и неискусна екипа од Автокоманда може да игра за победа, но побара и поддршка од публиката.

– Ова ни е најважен натпревар во Лигата на шампионите, дома со Бешикташ. Анализирајќи ги претходните два можам да кажам дека имаше работи кои вредеа, но има и работи кои мора да ги поправиме. Ова е големо искушение за овој млад тим, очекувам тежок натпревар, а ние мораме да биде посконцентрирани и пофокусирани. Станува збор за неискуство, камо среќа да имаме 30 такви натпревари годишно како оној со Монпелје. Мораме да ја поправиме одбраната и колективната игра,- гласи дијагнозата на хрватскиот тренер.

Тој имаше уште неколку забелешки на играта на своите ракометари, па рече дека не сака да им прави притисок, но мора да бара поголемо залагање.

– Добро менуваме во одбраната, играме „5-1“, потоа „6-0“, па една изразито длабока одбрана со „5-1“, но потребна е поголема тимска игра, а помалку само-истакнување. Можеме подобро во транзицијата, да го најдеме најкусиот пат до голот, со неколку додавања. Во Лигата на шампионите ако не се користи секоја шанса, секој зицер, тешко ќе успеете да победите. Оваа екипа е пред една пресвртница, немале тешки натпревари, потребно е да созреат. Имаме таква ждрепка, од која нема одмор. Нема потреба да им правам притисок, тоа може да биде контрапродуктивно, но мислам дека имам право да барам повеќе,- рече Червар.

Тренерот на Металург најмалку се задржа на играта на противникот, но воопшто не го потценува, етикетирајќи ја оваа средба како најважен дуел на домашен терен.

– Бешикташ загуби од Спортинг во првото коло, тие имаат неколку истакнати играчи што подолго време се заедно. Имаат исклучително брза транзиција во играта, но ако ние ги исправиме недостатоците во нашата игра, а воедно добиеме и поддршка од публиката, тогаш имаме шанси. Овој дуел ни е навистина важен и затоа ги повикуваме нашите навивачи да дојдат во што поголем број и да го оствариме најдобриот резултат што е можно.

darko dimitrievski press

Како претставник од играчите на прес конференцијата беше Дарко Димитриевски, кој посочи дека добро го познаваат противникот.

– Игравме со Бешикташ во Струга, знаеме со што располагаат, ги знаеме играчите. Имаме време да се одмориме и со добра игра да стигнеме до победа во овој натпревар. Во дуелот со Војводина имавме многу технички грешки, нереализирани зицери и пенали, потребно е тоа да го корегираме,- рече централниот бек на Металург.

Натпреварот се игра во салата „Борис Трајковски“, в недела со почеток во 17 часот.

Facebook Коментари