Поврзете се со нас

Шпанија

Чави: Што се случи во Мадрид? Прашајте го Медина Канталехо

Објавено

на

Foto:twitter.com/FCBarcelona

Чави Ернандес го искажа своето искрено мислење за случувањата на „Сантијаго Бернабеу“ веднаш по крајот на средбата со Бетис, јасно застанувајќи на страната на Алмерија која сметаше дека е „ограбена“ во шпанската престолнина.

Тренерот на Барса „додаде жар на огнот“ со одоговорањето на новинарските прашања и доби и критики од страна на навивачите на Реал, па затоа денеска се обиде да ја смири топката и да се насочи најмногу на четвртфиналниот дуел со Атлетик Билбао во Купот.

Чави посочи дека не планирал да дава свое мислење за натпреварот кој Реал го доби со 3:2, но не можел да остане рамнодушен откако добил прашање од новинарите.

– Јас нема да зборувам за спорни ситуации ако вие не ми поставите прашања. Јас го кажав тоа што го мислев, не сакав да ги зголемам полемиките. Мене ми се допаѓа фудбалот и сакам да зборувам само за фудбал. Јас дадов свое мислење за тоа што го видов и сега сакам да се насочам кон фудбалот. Одговор на прашањата кои ги поставувате треба да добиете во Мадрид, не од мене, – изјави Чави, кој беше запрашан што мисли за истрагата која ја отвори шпанската Федерација и професионалното судиско тело на кое претседател е Медина Канталехо.

Покрај трите спорни ситуации кои ги виде цела јавност, вчера се појави аудио снимка од која може да се заклучи дека судиите „замижале“ за можен црвен картон на Винисиус Жуниор, а Федерацијата и судиското тело отворија истрага за тоа кој ја доставил снимката до новинарите, нешто што е строго забрането за ситуации кои не се прегледувани од ВАР.

– Не ми се допаѓа притисокот со кој се соочуваат судиите, но спорните ситуации се случија на натпреварот на Реал и Алмерија, не на натпревар кој го водев јас. Јас кажав што мислев и тука завршувам со тоа. Треба да ги прашате судиите што се случи со аудио снимките. Вие ми поставувате прашања, а јас само ви одговарам од почит за такви теми. Прашајте го Медина Канталехо што се случи во Мадрид со аудио снимките, – порача Чави.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни