Чави ја долови тактичката генијалност на Пеп од историските 2:6 во Мадрид

xavi-iker-berna

Пеп Гвардиола вчера и официјално ја освои својата прва титула во англиската Премиер лига, трофеј кој самиот тој еден ден претходно го најави како едно од неговите најглеми достигнувања во кариерата, од едноставна причина што смета дека првенството во Англија е потешко за освојување од оние во Шпанија и Германија.

Шпанскиот стручњак демонстрираше ретко видена доминација во Англија и повеќе од заслужено се радува на трофејот кој го посочи како приоритет при преземање на тимот пред нешто помалку од две години, а ваквиот успех на Пеп сега го искоментира легендарниот Чави Ернандез кој одработи едно навистина интересно интервју за „Дејл меил“.

Поранешниот капитен на Барселона вели дека воопшто не е изненаден од стилот на игра кој го прикажа Сити и од начинот на кој фуриозно стигна до титулата, а при своето обраќање, откри и една интересна анегдота за тактичката генијалност на актуелниот менаџер на новиот шампион во Англија.

Чави се наврати на незаборавниот дуел од 2009 година кога Барселона славеше на „Бернабеу“ со 2:6, посочувајќи дека Гвардиола ја добил оваа партија со поместувањето на Меси од крилната, на централната позиција како „лажна деветка“.

– Тоа беше првиот пат кога го стави Меси како „лажна деветка“. Пеп знаеше дека централните дефанзивци на Реал нема да тргнат по Меси кога овој ќе дојде на средината на теренот. Тоа значеше дека Меси, јас и Иниеста имавме ситуација тројца против двајца на средината на теренот. Тогаш ни порача: „Тука е играта, тука мора да го добиете натпреварот“, – открива Чави.

Facebook Коментари