Буфон: Сите зборуваат за Алегри, но забораваат едно нешто

bufon-boks

Џанлуиџи Буфон ја изненади комплетната спортска јавност откако ова лето изрежира враќање во Јувентус, епилог кој му овозможи повторно да ужива во тренинзите со саканите соиграчи, но и да постави уникатен рекорд во италијанската Серија А, надминувајќи го легендарниот Малдини.

Популарниот Џиџи стана италијанскиот фудбалер со најмногу клупски настапи во историјата, а иако во принцип има улога на резерва во тимот на Маурицио Сари, Буфон секогаш им стои на располагање на соиграчите, но и на тренерот за кого вели дека ќе му го промени стилот на игра на Јуве.

– Малкумина веруваа дека ќе се случи сето ова, но мене ми е мило што се вратив во соблекувалната и што можам повторно да ги прегрнувам соиграчите, фановите и директорите кои многу ги сакам. Ова се луѓето со кои искусив толку многу нешта и затоа се вратив. Сари се приклучи на клубот со јасни идеи, а тоа е така поради тоа што цели 30 години работи во фудбалот. Има научено многу од успеси и неуспеси, се гледа дека знае што зборува и тоа го чувствуваат фудбалерите. Групата е подготвена да научи нешто ново, нешто ново после филозофијата која ја негуваше Јуве во изминативе 10 години. Сите зборуваат за Алегри, но забораваат едно нешто. Не заборавајте дека со нас беше Антонио Конте, со него започна сето тоа, – потсетува Буфон за време на промоцијата на која беше назначен како амбасадор на „UN Goodwill“.

За време на обраќањето пред присутните, Буфон проговори и за новата сезона во Серија А, во која според него главен ривал на Јуве ќе биде Интер.

– Без никаков сомнеж, Интер е нашиот најголем ривал за титулата. Го познавам нивниот тренер, начинот на кој ги учи играчите за фудбалот, знам како размислува и што им вели на играчите. Го познавам и нивниот директор Марота, но и многу добри играчи кои ги добија во тимот, – додава Џиџи.

Facebook Коментари