Буфон откри како ја оладил главата по незаборавната и тешка ноќ на „Бернабеу“

gigi-roki

Џанлуиџи Буфон во втората изјава која ја даде по шокантните сцени во Мадрид јасно стави до знаење дека цврсто стои зад секој свој кажан збор и дека повторно би излегол со ист став за судијата Мајкл Оливер, а иако денеска при еден промотивен акт во Торино побара од новинарите повеќе да не го коментира спорниот пенал од „Сантијаго Бернабеу“, сепак им долови на истите како успеал да се опорави од тешката ноќ и да застане на голот на вчерашниот меч против Сампдорија.

Со победата од 3:0 над тимот од Џенова и нерешениот исход на Наполи на гостувањето кај Милан, Јувентус сега е на чекор од освојување на седма последователна титула во италијанската Серија А, но дефинитивно, фановите уште долго ќе жалат за начинот на кој беа елиминирани во четвртфиналето откако имаа претстава за паметење на гостувањето во шпанската престолнина.

Буфон признава дека многу тешко го прифатил поразот и дека било комплицирано да се оттргнат мислите од споменатата ноќ, па како психичко опоравување од големата болка употребил еден свој стандарден рецепт, односно шетање по ливади опкружен од убавината на природата.

– Одлуките кои ги правиме во одредени моменти се дефиниција за нас и најдобра отслика за она што најмногу го сакаме. Со нашите предности и слабости, понекогаш знаеме да претераме, понекогаш сме во право, но понекогаш и грешиме. Но, таков е начинот на живеење и затоа сум дојден на овој свет. По ноќта на „Бернабеу“, имав долги прошетки, опкружен со печурки и маргаритки. Оваа измината недела ми дозволи да ги повратам силните емоции, да ја согледам вистинската убавина, да го почувствувам природниот адреналин. Покрај фудбалот, живееам и за вакви нешта, – вели Буфон.

Facebook Коментари