Брилијантниот Маркез ја доби битката со Довициозо и зададе тежок удар во битката за титулата

dovi-mark

Марк Маркез и Андреа Довициозо им понудија вистинско уживање на големите фанови на мотоциклизмот, бидејќи ова попладне имаа изворедна битка на трката за Големата награда на Арагон.

Италијанскиот возач го презема првото место на стартот во кој незгоден пад имаше Хорхе Лоренцо, па тој го наметна ритамот на трката кој сепак без никакви проблеми го пратеше светскиот шампион. Маркез прецизно го пратеше Довициозо до десет круга пред крајот, а потоа имаше неколку спектакуларни престигнувања на двете страни. Сепак, на три круга пред финишот, Маркез го зададе последниот удар и со брилијантно возење не му дозволи на Дови да се приближи и да му остави опција за престигнување.

Марк за првпат доби еден директен дуел со Довициозо за првото место, а мора да се потенцира дека со оваа победа на Моторленд патеката зададе тежок удар во битката за титулата, бидејќи на пет трки пред финишот на шампионатот има 72 бодови предност пред возачот на Дукати.

Покрај шоуто кое го понудија Марк и Дови, одлична трка имаше и Андреа Јаноне кој го комплетираше подиумот, а добриот викенд на Сузуки го потврди Алекс Ринс кој заврши четврти. Петтот и шестото место беа резервирани за уште двајца Шпанци, Педроса и Еспаргаро, седми беше Петручи, додека Роси успеа да се избори за осмото место и покрај ужасните квалификации во кои го освои 18-то место.

Facebook Коментари