Поврзете се со нас

Македонија

Бошковски: Првенството нема да биде најквалитетно, ама ќе биде најинтересно

Објавено

на

Екипата на Тинекс Пролет го заврши својот настап во Европа каде забележа победа и пораз против фаворизираниот шпански претставник Гранолјерс.

Сега тимот е фокусинан на настапите на домашната сцена, а пред почетокот на истата и пресметката со Металург се огласи тренерот Андон Бошковски кој направи анализа на шампионатот, но и што тие можат да направат во натпреварувачката 2021/2022 во која од самиот старт ќе бидат присутни Вардар и Еурофарм Пелистер.

-Имавме проблеми со изолација на десет ракометари по враќањето од Шпанија, што го поремети ритамот на тренинзи, но оптимист сум дека ќе успееме да го надминеме и тоа и експресно да се вратиме во посакуваниот ритам. Пред нас е првенство за кое не велам дека е најквалитетно во последните десетина години, но според мене сигурно ќе биде најинтересно. Задоволен сум од начинот на кој работеа играчите во целиот подготвителен период и мислам дека спремни го дочекуваме стартот, -вели Бошковски за официјалната клупска страна.

За клубовите како што се Пролет, Бутел, Охрид и сите останати присуството на големи екипи како Вардар и Еурофарм Пелистер сигурно е голем плус. Што се однесува до овие два тима, не би можел да коментирам бидејќи сигурно ќе имаат позгуснат распоред. Јас отсекогаш сум велел дека домашното првенство е основа на се, бидејќи преку него се освојуваат местата за Европа и излегуваш онаму каде што треба и каде што многу играчи треба да ја покажат вредноста и да напредуваат во кариерите. Поради сето ова, Вардар и Еурофарм треба да бидат дел од мак-ракометот од самиот почеток на сезоната, како што е тоа случај од оваа година.

-Моментно разликата меѓу Вардар и Еурофарм во однос на останатите клубови е слична како во претходните години. Но, самото присуство на Вардар и на Пелистер во елитата ќе го кренат нивото, тимови како Тинекс Пролет, Охрид, Бутел и останатите ќе имаат можност со правилна работа уште повеќе да напредуваат и да го намалуваат заостанувањето зад главните фаворити. Тоа воопшто не значи дека ќе им биде лесно, бидејќи сите ние ќе имаме дополнителен мотив секогаш кога ќе играме против Вардар и против Еурофарм Пелистер, -дополни стратегот кој имаше што да каже и за првиот ривал во лигата.

-Ако се гледа минатото, нормално дека Металург е клуб со бројни успеси. Сега се наоѓаат во незавидна состојба, но сепак го задржаа квалитетот, имаат играчи со големо искуство, играчи кои можат да го променат текот на натпреварот и да стигнат до победа. Имаат тренер кој долги години беше врвен играч… Ова ќе биде натпревар на кој ќе одлучи подобрата подготовка и индивидуалниот квалитет, за кој верувам дека ќе биде на наша страна, за победнички да ја стартуваме новата сезона, -заврши Бошковски.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни