Поврзете се со нас

Репрезентација

Борко за „Дерби“: Младите имаат потреба од репрезентативно искуство

Објавено

на

Ракометната селекција на Македонија минатиот викенд учествуваше на турнирот во Умаг наречен „Трофеј на Хрватска“, каде што поради големиот број повредени првотимци шанса добија помладите ракометари.

Голманот Борко Ристевски во изјава за „Дерби“ оцени дека е задоволен од учинокот на помладите колеги, како и дека тие ќе мора да соберат поголемо искуство од битни натпревари, каде што ќе научат да се справат со притисокот и очекувањата на публиката.

ДЕРБИ: Кои се импресиите од штотуку завршениот „Трофеј на Хрватска“, каде што игравме со подмладена екипа?

– Мора да признаам дека ми беше малку чудно, како само јас и капитенот Лазаров да бевме од „старите“, додека Јоновски, Миркуловски и Стоилов беа отсутни поради повреди. Во последен момент откажа и Никола Марковски, па ова беше навистина една квалитетна проверка на младите сили, да видиме до каде се и што може да се очекува од нив во иднина. Мислам дека имаат квалитет, но потребна е работи и многу големи натпревари. Тоа можат да го добијат со репрезентацијата, ќе стекнат искуство, а потоа ќе треба да научат и да се справат со притисокот што го носат големите натпреварувања, да се справат со очекувањата од целата држава. Голманот Никола Митревски доби шанса во еден меч, добро се покажа пикерот Пешевски, за Талевски репрезентацијата веќе не е ништо ново, а многу позитивни впечатоци оставија и Кузмановски, Костевски, како и Дарко Димитровски. Се надевам дека до јануари и повредените ќе закрепнат, а и овие млади надежи ќе имаат простор за усовршување, па во Полска да патуваме со најдобар можен состав.

ДЕРБИ: Според најавите следуваат подготовки во Скопје, а потоа и два меча со Словенија пред заминувањето за Краков. Тежок противник за тешките натпреваи кои не очекуваат?

– Нашата група е навистина многу тешка, секоја средба е потешка од другата. Иако со Франција во Скопје имавме добар меч, мислам дека квалификациите се едно, а турнирот друго, па ние нашата шанса треба да ја бараме во дуелите со Полска и Србија. Ќе биде многу, многу тешко. Словенија е уште една репрезентација со која имаме потешкотии во директните дуели, имаат специфична игра и стил што нам не ни одговара, така што очекувам два тешки натпревари на кои ќе настојуваме да се подготвиме што е можно подобро.

ДЕРБИ: Како тече приказната со Кретеј? Се остваруваат ли плановите за успех во француското првенство или се подготвуваш за нови предизвици?

– Плановите на Кретеј беа да се консолидира тимот за оваа сезона и да атакуваме на една од првите пет позиции. Засега сме добри, се наоѓаме на петтото место и планираме да го продолжиме искачувањето по табелата. Јас лично имав неколку проблеми со повреди, како со коленото, така и со дланката на левата рака поради истегнување на лигаментите. Речиси еден месец не можев да тренирам, одев на терапии итн. Во моментов мојот фокус останува во Франција, иако повеќе клубови ме имаат контактирано. Со Кретеј ме врзува договор за следните 18 месеци и кога евентуално би се решил да заминам, тоа би било за некој подобар и посилен клуб, што верувам е сон за секој професионалец во ракометот.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни