Бомбастична најава од Полска: Кјелце „краде“ уште една голема ѕвезда на Вардар

vuko-perez

Полскиот ракометен гигант Кјелце во изминативе 12 месеци напорно работи на подмладување на својот ростер и доведување на играчи кои во иднина можат да го одведат тимот до самиот европски врв, но она што може да се воочи од политиката која ја води раководството на клубот, како идеално „јато“ од кое ги исцрпуваат најдобрите ракометни „птици“ се покажува Вардар.

Кјелце од почетокот на актуелната сезона смета на Алекс Душебаев и веќе го има договорено и Лука Циндриќ кој по крајот на обврските со Вардар ќе му се приклучи на тимот предводен од Талант Душебаев, но сега најновите најави од Полска ни носат уште една „бомба“, поврзана за уште една голема ѕвезда на европскиот шампион.

Вуко Борозан полека влегува во препознатливата форма по незгодната повреда и инцидентот кој го имаше во родната земја, а последните информации кои пристигнуваат од Полска велат дека црногорскиот „бомбардер“ е следниот ракометар на Вардар кој ќе го облече жолтиот дрес на Кјелце.

Полскиот „Спортовефакти“ уверува дека Кјелце веќе го има договорено Борозан кој ќе му се приклучи на овој тим по завршувањето на неговиот договор со Вардар, а тоа во случајот става акцент на 2020 година до кога феноменалниот Вуко е под договор со „црвено-црните“. Во ексклузивата на споменатиот медиум, се нагласува дека Борозан ќе биде иден лидер на Кјелце од левата бековска позиција, бидејќи добро познато е дека Јурецки договори трансфер во Флензбург од 2019 година.

Со оглед на последните случувања во Вардар, ова сценарио изгледа навистина реално за остварување, а во дадената ситуација не се исклучува можноста и да падне договор меѓу двата клуба, па со одредена отштета Кјелце да го добие Борозан во 2019 година, односно за сезоната кога нема да може да смета на Јурецки.

Facebook Коментари