Поврзете се со нас

Шах

Благоја Сотировски – Џагуре: Ученикот кој го надигра учителот

Објавено

на

blank

Во чест на јубилејот 75 години од првото државно првенство на Македонија во шах, редакцијата на „Дерби“ ќе објавува стории за претходните шаховски шампиони во вид на своевиден фељтон.

Епитетот „најмлад“ од сите државни шампиони на Македонија во шах му припаѓа на Благоја Сотировски – Џагуре, кој во древната игра се прославил уште како гимназијалец.

Роден е во 1932 година, а во поствоената Македонија, некаде во 1946 година, неговото семејство се преселило во Скопје. Следната 1947 година, тој како ученик во гимназијата „Цветан Димов“, за прв пат се запознал со шахот преку часовите на Павле Бидев, кој бил професор по француски јазик, но во исто време одличен шахист и прв шампион на Македонија во древната игра.

– Тогаш бев ученик во осмо одделение (1947), кога наместо нашиот редовен наставник по фискултура, дојде друг човек. Тој веднаш мина на главното и ни рече дека наместо игри и гимнастика, ќе не учи да играме шах. Сите бевме изненадени, некои од нас не ни знаеја дека постои таква игра. Јас имав слушнато за шахот, но тогаш ни на крај на памет не ми паѓаше да почнам да го играм. Едноставно не бев заинтересиран и заедно со еден мој другар отидовме во последната клупа и почнавме да ја играме играта „подморница“. Откако наставникот забележа дека ние не обрнуваме внимание на она што го кажува, добивме опомена дека ќе добиеме слаба оцена по фискултура, па на остатокот од часот му посветивме внимание. Тој наставник не беше никој друг, туку токму Павле Бидев, првиот македонски шаховски првак, кој подоцна издаде и многу шаховски книги со коментари на потезите од партиите на најславните светски шахисти.

Тоа лето во Скопје се играло полуфиналето од државниот куп, во таканаречената „женска гимназија“.

– Јас само што се имав вратено од плажа и отидов да гледам. Победи Божиќ пред Костиќ. Трет беше Стојан Пуц, голем фајтер. Учествуваше и Бидев, а меѓу другите беа играчи како Гермек и Мирослав Радојчиќ, Драгутин Џаја.

Иако се заинтересирал за шахот, тогашниот ученик немал услови веднаш да започне да го изучува. Дури добил и забрана да се интересира за таа „ѓаволска работа“ од страна на татко му кој бил занаетчија, каменорезец. Но, нештата се развивале по обратна насока: неговиот брат Никола – на почетокот од 1948 од едно патување се вратил со книгата „Учбеник шаха -1 дел“ на Озрен Недељковиќ.

– Никогаш не го најдов вториот дел од таа книга, но веќе по првиот дел бев мошне силен. Авторот беше брат на тогаш познатиот ИМ Среќко Недељковиќ и материјалот беше извонреден за почетник како мене. Голем проблем ми беше тоа што немав шаховска табла и фигури, па направив една импровизирана од картон, чии полиња рачно ги обоив. Фигурите исто така ги направив од картон, по принцип на забодување во таблата. На тој начин решавав проблемски задачи, понекогаш дури и под јорган, со батериска лампа, за да не ме забележи татко ми. Тој беше религиозен човек, како многумина во тоа време, па за шахот велеше дека е „ѓаволска работа“. Но, мене таа импровизирана табла многу ми помогна за да ги визуелизирам проблемите и да вежбам, дури и денес сметам дека решавањето на вакви проблеми е најдобар тренинг за еден млад шахист, покрај изучувањето на отворањата.

Први „жртви“ на Сотировски биле неговите соседи, кои откако „на своја кожа“ ја почувствувале силата на младиот шахист, го посоветувале да оди и да игра со посилни од нив. Во тоа време (1948 година) постоела пракса љубители на шаховската игра да се собираат во просториите на фудбалскиот клуб „Работнички“ кај Католичката црква, па таму се играле партии во попладневните часови. Сотировски памети дека таму заминал полн со самодоверба, но увидел дека има уште за учење откако бил поразен од тамошните играчи кои спаѓале меѓу посилните, а меѓу нив бил и тогашниот фудбалер на клубот, Шпире Петровски. Сепак, веќе следната година, тој бил еден од учесниците на државното првенство во 1949 година.

blank

– Јас бев делегиран како претставник од младинците. Ставре Османлиев беше прв на државното младинско и беше делегиран на државното првенство на Југославија. Тој турнир се играше во хотел „Македонија“. И денеска ми доаѓа истото пријатно чувство како тогаш кога во барот на хотелот седев со шаховски легенди како Павле Бидев, инженер Георги Полјаков, Виктор Заљевски, Ајдинов, Трајко Георгиевски. Поминав скромно, но сепак со освоени бодови кои многу ми значеа.

Партиите со посилни противници неминовно резултирале со уште повисоко ниво во играта на Сотировски. И следната пролет во 1950 година, тој излегува на мегдан против шпалир од реномирани играчи кои дошле да играат на Отворено првенство на Скопје.

– На тој турнир убедливо победи Драган Јаношевиќ, а меѓу играчите кои беа додени имаше имиња кои веќе беа прославени како Драгутин Џаја, Мариќ, Авировиќ, Грубев, Караклајиќ. Од нашите играчи најдобро помина Тоде Кукински. Никој од нашите играчи (Мартиновски, Николовски, Крстев) немаше титула во тоа време, сите бевме првокатегорници. Јас имав пласман во долната половина од табелата, но пред се тој турнир го паметам по некои нови искуства за мене. За прв пат загубив со контумација во мечот со Алвировиќ, кога сметав дека имам победничка позиција, но бев во цајтнот. Противникот го повика судијата и тврдеше дека не е одигран мојот 41 потег, при што „падна знаменцето“ и арбитрите пресудија во негова корист. Дополнително, за прв пат ми правеа притисок намерно да изгубам во една партија, за друг играч да дојде до статус на кандидат-мајстор.

Со таквите партии зад себе, Сотировски на младинското првенство на Македонија кое уследило на Попова Шапка ги доживеал своите први ѕвездени моменти, стигнувајќи до самостоен триумф покрај противниците како Крум Крстев, Огњанов, Митевски (од Куманово), Шопов (од Штип) и други. Следствено на овој успех, бил делегиран на младинското првенство на Југославија во Котор, кое се играло во август 1950 година, паралелно со шаховската олимпијада во Дубровник.

– Малку недостигаше да го пропуштам ова првенство бидејќи бев упатен на младинска работна акција, на изградба на пругата Шамац – Сараево. Дури по интервенција од младинската организација, бев оставен да одам на државното првенство. Тој турнир го паметам по тоа што имав делба на шесто место со М. Р. Вукчевиќ од Србија, кој подоцна стана велемајстор. Меѓу другите учесници на тој турнир беа Ќириќ, Ѓурашевиќ, како и Михалчишин од БиХ. Шампион беше Дражен Суботичанец.

За својот играчки репертоар од тоа време Сотировски вели дека се до 1950 година се потпирал на „Кралски гамбит“ и „Дамин гамбит“, додека од 1951 година натаму навлегол во длабочина на сериозни системи на игра како „Кралско индиска одбрана“ и „Обратна Кралско индиска“, како и „Сицијлијанска одбрана“, каде што ги преферирал варијантите насловени како „Шевенинген“, „Тартаковер“ и „Најдорф“. Понекогаш играл и „Пирцова одбрана“, бидејќи се трудел да се постави согласно противникот.

– Пред првенството во 1951 година имаше турнир на првокатегорници, а со победа се стекнуваше ранг на Кандидат Мајстор. Тогаш имав први средби со шахистот Јован Захариев, подоцна Софревски. Се играше двокружно, два пати го добив во „шпанска“. Тогаш го освоив турнирот и станав кандидат-мајстор.

Полн со самодоверба по ваквиот расплет на настаните, Сотировски во својот втор настап на државното сениорско првенство на 19 години стигнува до првата шампионска титула, бидејќи имал подобар „тај-брејк“ од Николовски со кого имале ист број поени.

– Првенството на Македонија за 1951 година се играше во салата на „Црвен крст“, лоцирана во непосредна близина на денешната гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“. Меѓу оние кои учествуваа беа Павле Бидев, Оливер Николовски, Данов, Крстев. На крајот од турнирот, го делевме првото место со Оливер Николовски. Беше донесена одлука на државното првенство да се делегира Оливер, а јас да учествувам на меѓународен турнир во Ла Специја. Но, за жал, подоцна ми соопштија дека нема да одам на тој турнир, наводно поради недостаток на средства.

Во тоа време се отвори градски шаховски клуб кај печатницата „Гоце Делчев“ во центарот на Скопје, таму се одвиваше речиси целиот шаховски живот. Од тука излегоа сите големи имиња на македонскиот шах. Таму се одиграло и првенството во 1952 година.

– Шампионската титула во 1952 година заслужено ја освои Павле Бидев. Јас едноставно таа година не бев посветен на шахот, бев свртен кон факултетот и младешкиот живот. Но, веќе следната година се вратив во „игра“. Мислам дека во таа 1953 година ја прикажав најсилната игра, по сопствено убедување. Пред првенството бев со колегите од факултет на пракса во Витолиште, Мариово. За време на тој престој, мислам дека месец дена немав играно шах. Го замолив професорот од шумарскиот факултет, Ханс Ем, да ме ослободи порано за да одам на првенството кое требаше да се одигра во Охрид. Тој не само што го стори тоа, туку и со службената кола ме однесе до Охрид. Од колегите дознав дека навечер слушал радио вести за да чуе резултати од шаховскиот турнир. На тој турнир триумфирав со поен ипол предност пред сите и ја освоив втората титула. Паметам дека ремизирав само со неколку играчи, меѓу нив најзаслужено беше она на Борче Илиевски, додека при крајот на турнирот кога победата веќе се наѕираше, можев да играм и поопуштено и да ремизирам со Данов и Софревски.

Како неоспорен првак на Македонија, Благоја Сотировски за прв пат бил делегиран во разигрувањето за шампионската титула на Југославија. Тогаш се играло таканаречено полуфинално првенство на Југославија во Чачак, каде што биле формирани четири групи на играчи, поделени согласно дотогашниот квалитет. Сотировски имал забележливи победи над играчи како Ѓурашевиќ, Томовиќ, Вуковиќ, па не изостанала ни поддршката од Скопје, бидејќи постојано добивал телеграми со честитки и охрабрувања. До крајот на турнирот останал во игра за пласман на завршниот турнир.

– Во последното коло загубив од Булат. Не би рекол дека бев разочаран од резултатот, бидејќи одиграв некои навистина добри партии и освоив повеќе поени и победи отколку што кој било очекуваше од мене. Единствено за што жалев беше мајсторската титула, која ќе ја освоев ако успеев да отидам на завршниот турнир.

Неприкосновеноста во рамки на Македонија продолжила и во 1954 година. Тогаш првенството се играло во Берово и според Сотировски, било едно од најсилните, бидејќи на него учествувале многу респектабилни играчи.

– Тој состав на кандидати за титулата ги вклучуваше и возрасните како Павле Бидев, но и се посилните шахисти од редовите на тогашните младинци како Јован Софревски, Киро Данов, Евгени Мартиновски, Стојановски итн. Јас имав лош старт, ги изгубив првите две партии. Мислам дека таквиот расплет се должеше на некои приватни настани од мојот живот, но сепак оставија печат врз мене. Мојот брат Никола тогаш зема одмор и дојде од Скопје за да ми биде поддршка. Одеднаш, работите се сменија. Ги победив сите партии што ги играв до крај на турнирот и повторно бев првак на Македонија. Павле Бидев се најде на второто место.

Повторно уследила играта на полуфиналното првенство на Југославија, а овој пат тој турнир се одржал во Скопје. Тоа се играше во средното училиште „Гоце Делчев“, на местото на денешниот Клуб на писатели. Таа година шахистот од Србија, Бора Ивков станал светски младински првак и бил дел од играчите кои дошле во Скопје, заедно со Дамљановиќ, Мариќ, а од Словенија бил дојден Гросек.

– На завршниот турнир за државно првенство на Југославија директно се квалификуваа само првите двајца играчи од минатата година. Сите други мораа да играат на тој турнир кој претставуваше своевидно полуфинале. Во мојата партија со Ивков се случи комплицирана позиција во средишницата, по првите 15 потези. Тогаш тој ми понуди реми и јас бев во своевиден шок, а исто така и публиката која доаѓаше да ги гледа тие натпревари. Светски младински првак ми понуди реми и тоа за мене беше неочекувано! Инстиктивно погледнав кон публиката и таму го забележав боксерот Панче Леов, кој направи гестикулација дека ќе го извади чевелот и замафта со раката, што јас го протолкував како закана, дека не смеам да прифатам и да продолжам да се борам. Така и постапив, но подоцна во партијата влегов во цајтнот и тогаш јас предложив реми, а Ивков џентлменски прифати. Од Македонија играше само уште Евгени Мартиновски, а во директен дуел јас го победив и бев неколку места пред него на табелата, пред се благодарение на другите победи кои ги освоив, меѓу другите и онаа со Вуковиќ. Сепак, не успеав да се пласирам на завршниот турнир.

Таа 1954 година донела уште случки за Сотировски кој како македонски првак требало да игра на меѓународниот турнир во Богно Реџис. Но, овој пат било побарано од него да одигра дополнителен меч со Евгени Мартиновски.

– Сфатив дека постојат извесни лоби групи кои притискаа за други шахисти. Тогашниот судија Пашко Фрањиќ побара да играм со Мартиновски, иако тој никогаш до тогаш не беше државен првак. Бев убеден дека ќе го победам и прифатив да играм. Мечот почна добро за мене, имав победа и реми, а во третата партија исто така дојдов во ситуација каде што му се насмевнуваше нова победа. Паметам дека моите пешаци на таблата веќе „тргнаа“ на противничката половина, кога одеднаш се исклучи светлото во клубот „Гоце Делчев“. Ни соопштија дека снемало струја!? Судијата прогласи прекин и не го прифати моето барање да се ковертираат потези. Ја поништи партијата и определи да се игра нова. Од инает, прифатив повторно, убеден дека ќе победам, но изгубив. Сета нервоза која ми ја донесе тој меч направи на крајот да загубам со 4,5:3,5 – со што беше создаден аргумент против моето учество на меѓународниот турнир. Поради целата таа низа на случки, донесов одлука повеќе да не настапувам на поединечните натпреварувања и се сконцентрирав само на настапите за шаховскиот клуб.

За време на својата кариера како играч во Македонија членувал во неколку клубови. Како младинец, започнал во ШК „Гимназијалец“, каде што останал се до 1951 година, а потоа преминал во ШК Студент.

– Во клубот членуваа и други истакнати шахисти како Јован Софревски, кој долга низа на години играше на првата табла и беше вистински лидер. Јас играв веднаш до него на втората табла. Знаеше да даде вистински совети, ги следеше шахистите во смисла на тоа кој што игра и како игра. Еден од најголемите успеси на клубот беше кога дојдовме на чекор од освојување на Купот на Маршалот Тито во 1958 година, кога турнирот се играше во Порторож, Словенија. За жал жрепката сакаше нашите противници од ШК Љубљана да ги добијат за противници ШК Марибор, па тој дуел на двете словенечки екипи помина неочекувано „мирно“ и со убедлива победа на ривалите, кои со тоа го освоија и пехарот.

За време на истиот турнир, во Порторож 1958 година се играл и меѓузонскиот турнир на кандидати за предизвикувачи на светскиот шампион. Таму биле присутни повеќе легенди на шаховската игра.

– Тогаш за прв пат го запознав Боби Фишер. Имаше 14 години, беше вистинско дете. Во пазувите под едната рака имаше шаховска гарнитура, а во другата шише со млеко. Бев присутен кога тој седна „на мегдан“ со легендарниот Таљ и играа брзопотезен шах. Таљ победи со 7:6, тоа беше огромно изненадување за отпорот кој го даде младиот Фишер. Таљ играше на турнирот, а во исто време известуваше за медиумите. Тој за време на својата партија шеташе низ салата и гледаше кој што игра, а исто така следеше што се случува и преку демонстрационите табли наменети за публиката. Бев присутен во еден момент кога тој во импровизираниот прес центар го зема телефонот да издиктира извештај и ги раскажа сите партии на турнирот во детали, без никаква белешка пред себе. Бев импресиониран од тоа како ги запамтил речиси сите одиграни партии тој ден. Се запознав и со други шаховски великани кои беа дојдени во Порторож, меѓу кои и Борис Спаски, Василиј Смислов. Иако постоеше убава атмосфера, сепак се чувствуваше поделбата на Источен и Западен блок, па тоа дури се рефлектираше и при играњето карти во слободното време. Уште една случка од тој турнир е кога еден филипински шахист, Кардосо, играше со Фишер и се говореше дека за мечот добил анализи од рускиот тим, па тој избрал да го игра тоа што Русите сметале дека му е слаба точка на противникот. По некои одиграни 15 потези, во своите прошетки низ салата и едниот и другиот играч беа убедени дека ќе победат. На крајот излезе дека Фишер ги надминал анализите на рускиот тим и победи во партијата, а тоа искуство му послужи подоцна во кампањата за измени на начинот на борба за светската шаховска титула, бидејќи на ваков начин тој самиот играше против „невидливи тимови“.

blank

Ваквата пракса да игра шах само при настапи во екипна конкуренција продолжила и понатаму, но со тек на времето и желбата за играње шах морала да биде потисната поради работните обврски. Сотировски се присетува дека во 1962 година имал тотален прекин во шахот. Освен што се посветил на работата и науката, се случиле и поплавите во Скопје, а во 1963 година и катастрофалниот земјотрес. Тогаш настрадале канцелариите на шаховскиот сојуз и била уништена сета документација од минатото, поради што тој денеска жали што не создававл паралелно и сопствена документација од одиграните партии.

Во 1964 година (повторно со Шк Студент), Благоја Сотировски во функција на капитен го предводи тимот на уште едно второ место во Купот на Маршалот Тито. Пехарот за овој успех го добил од Вјечеслав Хољевац, претседател на републичката влада на Хрватска. Во екипата која што играла на осум табли морало задолжително да има и еден младинец и една девојка, а Сотировски се присетува дека меѓу играчите биле Софревски, Тиквешански и Данов, Бојаџиев.

Животниот пат го однел во Соединетите Американски Држави, каде што во заминал во 1969 година. За време на тој престој, се активирал во клубот „Капабланка“ во Вашингтон. Следните три години за нив играл на прва табла, а конечно во 1971 година се враќа на настапите во поединечна конкуренција.

– Настапив на опен турнир во Вашингтон кој се организираше по повод Велигденските празници, а на кој имаше околу 600 учесници. Учествуваа низа познати имиња како Кристијансен, кој беше актуелен младински првак на светот, потоа еден познат чешки репрезентативец Кавалек, кој се пресели во САД, како и дузина американски мајстори. Навистина ми беше битно да победам на тој турнир за да си докажам и на себе и на другите колку вредам, па тие денови буквално целото време го поминував над шаховската табла во анализи и играње. Кога турнирот заврши и јас го освоив победничкиот пехар, ми олесна. И ден денеска сметам дека тоа е мојот најголем успех во кариерата.

Сотировски се вратил во татковината во 1972 година, поради болеста на татко му. Проработела носталгијата и тој решил да не се враќа во САД, а во Македонија тогаш се активирал преку ШК „Градител“, клуб за кој играл се до 1975 година. Сепак, се посветил на струката и завршил специјализација во Финска, пренесувајќи во нашата земја бројни искуства кои ги стекнал при неговите патувања. Во средината на осумдесеттите години од 20. век повторно заминал во САД, каде што и покрај големата пауза од речиси 15 години, ширум му ги отвориле вратите за настап во претходниот клуб, ШК „Капабланка“ од Вашингтон.

– Шахот е прекрасна игра! Им ја препорачувам на сите, навистина е нешто специјално! Мојата љубов кон играта не била никогаш доведена во прашање, па дури ни при најтешките порази. Но, многу потешко ги поднесував неправдите, особено од судиите. Сепак, сето тоа е една голема животна школа. Јас со шахот си отворив многу врати, особено за време на престојот во САД, стекнав многу пријателства. Особено сакам да ги охрабрам младите шахисти, да бидат упорни, никогаш да не се откажуваат. Да не ги респектираат премногу противниците со висок рејтинг, бидејќи рејтингот не ја игра партијата. Кога си научил тоа што требало да го знаеш, имаш самодоверба и не потклекнуваш пред посилните. Напротив, тие знаеле често да потценат и подоцна да се „умилкуваат“ за реми.

Иако требало да настапува на меѓународни турнири, Сотировски вели дека не жали за таквите шанси. Според него, македонските играчи често биле потценувани во рамки на Југославија, па единствено смета дека ако продолжел активно да игра, ќе стигнел до велемајсторска титула како многумина од Југославија против кои играл и се натпреварувал.

– Сигурен сум дека ако не беше одлуката да се повлечам од настапите на поединечните натпреварувања, ќе бев првиот македонски играч со велемајсторска титула. Имаше ситуации кога тренерите ги караа оние што изгубиле од мене бидејќи не ме сметаа за вреден ривал. Многу се израдував кога Македонија доби шаховски велемајстори како Трајко Недев, Драган Јаќимовиќ, Никола Митков, Звонко Станојоски и други. Тие направија историја и со освојување медали на европски првенства и на шаховските олимпијади, но доколку имаа поголема поддршка од државата, верувам дека можеа да станат и играчи од светски калибар!

blank

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни