Поврзете се со нас

Македонија

Битола е подготвена за Куп спектакл: Осумте тренери го најавија кошаркарскиот празник во „Боро Чурлевски“

Објавено

на

Foto:kfsm.mk

По пауза од цели 17 години, македонскиот кошаркарски Куп се враќа во Битола и најновото издание на ценетото натпрварување ќе се игра во салата „Боро Чурлевски“, настан кој ќе биде актуелен претстојниот викенд.

Најдобрите македонски тимови ќе се борат за трофејот кој од неодамна го носи името „Буштур“ во чест на прославениот македонски кошаркар, а сите претставници на тимовите денеска направија најава за пресметките кои следат на официјалната прес-конференцијата која се одржа во градот на конзулите.

МЗТ како главен претендент за трофејот во четвртфиналето ќе ги одмери силите со Гостивар, а двата табори во сосема различно расположение ја пречекуваат оваа пресметка.

– Пред се да изразам задоволство што Купот се игра надвор од Скопје, сите нас треба да не радува што се појавуваат нови кошаркарски центри како што е Битола. Можеби Битола долго време важи за ракометен град, но верувам дека со развојот на кошарката и тоа ќе се помени. Самото име МЗТ носи своја тежина и како 11-кратен освојувач на купот одиме по нов трофеј. Играме со Гостивар, тим предводен од тренер кој е легенда на македонската кошарка и кој ќе знае како да ја подготви својата екипа. Врзавме неколку победи на АБА2 турнирот, без лажна скромност ние доаѓаме за да го одбраниме трофејот. Веќе два пати ни успеа во првенството да освоиме титула во Битола, се надевам дека сега ќе освоиме и куп-трофеј од овој град, – изјави Миодраг Тодоровиќ, помошникот на МЗТ.

– Битола е кошаркарски град, се надевам дека ќе има полна сала и дека во трите дена ќе бидеме дел од кошаркарски празник. Екипите се доста израмнети и ќе мора сите да се намачат за да стигнат до победите што ги посакуваат. Нека биде се на висина на задачата,па најдобриот нека победи на крај. Можеби е клише, но во купот нема фаворити, тоа е специфично натпреварување во кое многу послаби екипи победувале поголеми фаворити. Ние имаме навистина многу повредени играчи, МЗТ е еден од фаворитите, ние ќе одиграме најдобро што можеме, па ќе видиме колку е тоа најдобро што можеме доволно за да стигнеме до добар резултат, – изјави Јорданчо Давитков.

Во втората пресметка, силите ќе ги одмерат Еуро Никел и Чаир, натпревар на кој кавадарчани влегуваат со добри мисли поради победата во првиот дел од сезоната.

– Доаѓаме период откако за пет дена одигравме два интересни дуела. Во претстојниот период сме фокусирани само на дуелот со Чаир, можам да кажам дека имаме максимален респект кон противникот, знаеме дека имаат претрпено играчки промени во однос на првиот меѓусеен дуел. И тие исто како и ние имаме своја математика, ни останува да се претставиме во најдобро светло, – изјави тренерот на Еуро Никел, Тодор Манев.

– Сосема заслужено сме дел од ова натпреварување. Еуро Никел е тим што го респектираме, тие се единтвениот тим што успеа да слави против нас во Чаир. Ги увидовме грешките од тој меч, добро ќе се подготвиме, се наоѓаме во добра форма од три победи по ред и верувам дека ќе одиграме добар меч, – прокоментира стратегот на Чаир, Ерхан Рамадан.

После овој дуел, ќе следи третата пресметка во која најтрофејниот македонски колектив Работнички ќе влезе како фаворит со оглед на актуелната форма, а противници на „центарци“ ќе бидат играчите на ТФТ Моцарт.

– Голема чест и задоволство е да се биде дел од овој настан, се надевам дека ќе биде во најдобар ред. Како играч имам многу куп-трофеи, но сега сум во поинаква улога. Работнички секогаш атакува на трофеи, поголем акцент ставаме на титулата, но кога сме тука секако дека ќе сториме се за да го кренеме и куп-пехарот, – изјави Горан Самарџиев како тренер на Работнички.

– Голем поздрав за идејата куп-натпреварувањето да биде надвор од Скопје, сметам дека тоа ќе биде голем мотив за битолската публика и мислам дека ќе донесе дополнителен шмек на ова натпреварување. За нас купот засекогаш ќе остане специјално натпреварување, нешто што одговара на нашиот менталитет бидејќи со себе носи и емоција и инспирација. За некој да го освои купот треба да биде на физички план подготвен за три врвни меча за три дена, што не е нималку лесна. Противник ни е Работнички, екипа што е во завршна фаза на враќањето на победнички патеки. Тоа е тим што ни ги нанесе двата најубедливи пораза оваа сезона. Фокусот ни е на првиот меч, а сонуваме за финале в сабота, – изјави стратегот на ТФТ, Боро Смилковски.

Петочната програма ќе биде затворена со натпреварот меѓу Пелистер и Феникс 2010, а домашниот тим ќе влезе како апсолутен фаворит со оглед на извонредниот ритам, но и предноста од домашен терен.

– Очекувам дека Битола како прво ќе се покаже како одличен домаќин. Видливо е дека Пелистер како клуб расте од година во година, овој дел од сложувалката со организацијата на Купот е благодарение на Општина Битола и на компанијата „Таск Форс“. Очекувам дека ќе имаме тродневен спортски маратон каде ќе гледаме убави натпревари и каде битолската публика ќего препознае квалитетот и ќе ни даде поддршка. Во однос на противникот, Феникс е традиционално незгоден ривал на Пелистер, и оваа година натпреварот пред неколку дена се покажа како доста тежок за нас. Имајќи го во предвид фактот дека за 13 дена игравме шест меча и истрошеноста беше видлива, во однос на тоа како се одвиваше мечот. Се надевам дена во наредните денови ќе се стабилизираме и добро ќе се подготвиме за она што не очекува в четврток. Во моментов сме фокусирани само на Феникс, тим што цела сезона игра квалитетно, воопшто не размислуваме на ништо друго, изјави тренерот на „зелено-белите“, Дарко Радуловиќ.

– Ние лани игравме финале, оваа година сме дојдени за да го освоиме трофејот. Ќе бидам краток. Го почитуваме секој противник, Пелистер е квалитетна екипа, наптреварот ќе биде тежок, но ние доаѓаме за да се обидеме да го освоиме трофејот, – порача тренерот на Феникс, Денис Дервишевиќ.

Термини за четвртфиналните дуели во Купот на Македонија:

12:00: МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар
14:30: Еуро Никел“ – Чаир 2030
17:00: Работнички – ТФТ Моцарт
19:30: Пелистер – Феникс 2010

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни