Бенџамин нерешлива енигма за МЗТ, Блокотехна израмни во полуфиналето

MZT-Blokotehna1

Екипата на Блокотехна пред своите гледачи славеше победа во вториот полуфинален натпревар од плејофот во македонската најсилна лига против МЗТ Скопје со НБА резултат, 106:94.

Домашниот тим беше подобар во текот на целата средба, а веќе по првите десет минути покажа дека нема лесно да се предаде во оваа полуфинална пресметка.  По одличните 20 минути домаќините имаа солидна предност на полувремето од 14 поени (59:45).

Во третата четвртина предноста порасна и дури во четири наврати Блокотехна имаше 18 поени позитива. Сепак, МЗТ се разбуди пред крајот на третата четвртина и со добар старт на последната четвртина можеше да го однесе натпреварот во драматичен финиш.

MZT-Blokotehna2

Соколов и Лалиќ беа предводници на МЗТ во тој момент, но не можеа да сторат ништо повеќе, па разликата се стопи само до минус седум, на четири минути до крајот на средбата. Но, концентрацијата не ги држеше скопјани, па Блокотехна предводена од Бенџамин ја врати предноста и на крај славеше победа со која ја однесе серијата до минимум четири натпревари.

Фантастичен на паркетот беше Двејн Бенџамин кој натпреварот го заврши со 31 поен, а одлична партија имаше и Казарновски кој заврши со дабл-дабл учинок (12 поени и 10 асистенции). Двоцифрени кај Блокотехна беа уште тројца играчи и тоа, Мијатовиќ (20 поени) Главчев (16 поени) и Ѓуровски (15 поени).

Во МЗТ најпрецизен поединец беше Дарко Соколов кој натпреварот го заврши со 16 уфрлени поени.

Следниот натпревар помеѓу овие два тима е во недела во СЦ „Јане Сандански“, а потоа можеби одлучувачкиот натпревар ќе се игра во вторник во Негорци.

Facebook Коментари