Бен Марфи од „Црвените стрели“ се префрлува во трките со авиони

ben marfi pilot

Иако пред еден месец заврши сезоната за 2017 година, подготовките за новата веќе се во полн ек.

Најпрва беше лансирана веста за вклучувањето на британскиот пилот Бен Марфи во ростерот составен од 14 пилоти кои се натпреваруваат за светската титула во Red Bull Air Race, кој влегува во „Мастер класата“ на местото на Словенецот Петар Подлуншек.

Бен Марфи е поранеше лидер на реномираниот акробатски тим „Црвените стрели“ кои се дел од кралските воздухопловни сили (РАФ) на Велика Британија. Тој две сезони учествуваше во „Челинџер класата“ при што успеа да освои шест пласмани на подиумот. Во елитната група пилоти идната сезона ќе има тројца со шампионски наслови: актуелниот првак Јошихиде Муроја, ланскиот освојувач на титулата Матијас Долдерер, како и двократниот првак Кирби Чемблис.

Де факто, на стартот од новата сезона ќе бидат сите најдобри пилоти од оваа сезона како Јапонецот Муроја, Мартин Шонка од Чешка, Питер Меклиод од Канада, австралискиот „топ ган“ пилот Мат Хол, како и претходно споменатите Долдерер и Чемблис.

Досега Велика Британија имаше двајца светски прваци во трките од Red Bull Air Race, и тоа трикратниот освојувач на трофејот Пол Боном (2009, 2010 и 2015), како и ноторниот забавувач на публиката, Најџел Лемб (2014). Тие се повлекоа по 2015 година, заедно со првиот човек кој ја осмисли серијата, Унгарецот Петер Бешењи.

– За мене е голема чест што ќе се префрлам во „Мастер класата“ во 2018 година. Ќе биде одлично да се развеат боите на британското знаме и да се следат чекорите на британските пилоти како Боном и Лемб. Тие двајцата беа голема инспирација за мене, а овој чекор го означува почетокот на мојата кампања да се борам со најдобрите и да парирам на нивните шампионски успеси. Предизвик е да се биде во нивна ситуација,- изјави Бен Марфи.

Пол Боном се вклучи во организацискиот тим како коментатор – експерт и ќе може да ги следи настапите на сонародникот.

– Фантастично е што навивачите во Велика Британија ќе имаат пилот што можат да го бодрат во 2018 година. Ова е остра нагорна линија во образованието на пилотите, па им порачувам да бидат трпеливи за освојување на подиуми и победи. Од друга страна, Бен ги има вештините, заднината и поддршката за да биде добар,- посочи Боном. – Сезоната во 2017 година покажа дека нема еден пилот што може да доминира во текот на целата сезона, па очекувам да биде исто и следната година. Првите две илои три трки ќе ни дадат вистинска слика за тоа кои се гладни за успеси и кои ќе се издвојат како предводници,- дополнува актуелниот коментатор.

Потврдени учесници (Мастер класа): 1. Кристијан Болтон (Чиле), 2. Микаел Бражо (Франција), 3. Кирби Чемблис (САД), 4. Матијас Долдерер (Германија), 5. Мајкл Гулијан (САД), 6. Мат Хол (Австралија), 7. Николас Иваноф (Франција), 8. Петр Копфштајн (Чешка), 9. Франсоа Ле Вот (Франција), 10. Пит МекЛиод (Канада), 11. Јошихиде Муроја (Јапонија), 12. Бен Марфи (Велика Британија), 13. Мартин Шонка (Чешка), 14. Хуан Веларде (Шпанија).

 

Facebook Коментари