Барселона ќе засили една позиција во јануари, веќе разгледува три опции

mesi-unai

Барселона започна навистина добро во Лигата на шампионите оваа сезона, но сепак игра неверојатно променливо во домашното првенство каде не знае за победа цели четири натпревари, а на сето ова, во последниве неколку недели пристигнаа и лоши вести на подолг план.

Самуел Умтити заработи тешка повреда на коленото и засега не е познато кога точно ќе се врати, а лоша варијанта е тоа што постои можност да замине на операција, што всушност ќе значи многу подолга пауза од предвиденото. На сето ова, интернационалната пауза му донесе уште еден поголем проблем на тренерот Валверде, бидејќи таканаречениот „ФИФА вирус“ прв го зафати Томас Вермален кој се повреди на мечот со Швајцарија.

Белгискиот дефанзивец ја повреди задната ложа и сега ќе мора да паузира шест недели, а како што информира угледниот „Мундо Депортиво“, оваа алармантна ситуација ги натерала одговорните луѓе на клубот брзо да реагираат и да размислуваат на засилување. Валверде во наредните неколку недели ќе може да смета само на Пике и Ленгле како класични стопери, а со цел да се спречи нова ваква ситуација во вториот дел од сезоната, Барселона сигурно ќе купи нов стопер во зимскиот преоден рок.

„Мундо Депортиво“ кој има свои инсајдерски извори во клубот денеска ја достави првичната листа на која се појавуваат тројца фудбалери, а тоа всушност се Бранислав Ивановиќ од Зенит, Џене Дакоман од Хетафе и Унаи Нуњез од Атлетик Билбао.

Facebook Коментари