Барса плати дополнителни 15 милиони евра за Гризман, но обезбеди ексклузивно право за две ѕвезди на Атлетико!

grizi-zut

Судот во Шпанија процени дека Барселона треба да плати симболични 300 евра за спорниот трансфер на Антоан Гризман, но сега ни пристигнаа комплетно нови и сензационални вести од Пиринеите, а истите ги пренесе угледниот „Ел Мундо“, по што следеше и потврда од уште неколку респектабилни медиуми како „Марка“ и „АС“.

Имено, Барселона самоиницијативно одлучила дополнително да го обесштеи Атлетико со 15 милиони евра за „случајот Гризман“, но со самото тоа, си обезбедила ексклузивно право за уште две големи ѕвезди кои моментално играат во првиот тим на Чоло Симеоне. Во договорот со Атлетико, Барса понудила 15 милиони евра како дополнителна отштета на веќе исплатените 120 милиони евра за Гризман, но за возврат побарала, а на крајот добила и привилегирано право кога се во прашање Саул Нигез и Хосе Хименез.

Во дадената ситуација, не станува збор за активирање на нивен трансфер во било кое време, туку ексклузивно право за израмнување на било која  понуда, во ситуација кога Атлетико Мадрид ќе добие атрактивна понуда за нив двајца, или пак ќе одлучи да ги продаде на друг клуб.

Каталонскиот гигант на овој начин става крај на „војната“ со клубот од шпанската престолнина, со јасна препорака дека будно ги следи настапите на двајцата 24-годишни играчи кои имаат огромен потенцијал.

Facebook Коментари