Баркли не е импресиониран од Лука Дончиќ: Станал МВП на 18 години само поради една работа

Чарлс Баркли последен пат беше актуелен во јавноста поради својот став за споредбите меѓу Мајкл Џордан и Леброн Џејмс, но се чини дека барем во Европа слична прашина ќе подигне и за својот коментар поврзан со Лука Дончиќ.

Словенецот ги импресионираше кошаркарските фанови носејќи го дресот на својата репрезентација и Реал Мадрид, освои многу МВП признанија и се очекува да биде идна ѕвезда во НБА лигата. Во пресрет на драфтот, Баркли потенцираше дека не е премногу убеден дека досегашните признанија и успеси на Дончиќ се некаква гаранција за блескава кариера во најквалитетната кошаркарска лига во светот.

– Не им верувам на останатите натпреварувања. Немам ништо против странските играчи, но едноставно не знам во колку квалитетни натпреварувања играле. Ако тој има 18 години и бил МВП, тоа ми кажува дека играл против пос…на конкуренција. Никој на таа возраст не би смеело да доминира против повозрасни ривали, без разлика колку лоши се тие.

– Погледнете ја НБА, јас сум дел од оваа лига околу 30 години. Постоеше само еден 18-годишник за кого можеш да се сетиш и да кажеш „да, овде има нешто“, а тоа е Леброн Џејмс. Луѓето забораваат дека еден Коби Брајант се мачеше на почетокот, без разлика колку многу постигна подоцна, а истото се случуваше и со Кевин Гарнет. Луѓето постојано повторуваат дека Дончиќ бил МВП на 18 години, тој не би требало да доминира на таков начин против постарите кошаркари, јас не би го одбрал како прв или втор пик на драфтот, – вели Баркли.

Facebook Коментари