„Баракудите“ ја прекинаа лошата серија: Хрватска ја победи Србија за финале на СП во ватерполо

hrvatska-vaterpolo

Хрватската ватерполо репрезентација успеа да ја прекине негативната серија во меѓусебните дуели со големиот ривал Србија и вечерва славеше со 12:11 во полуфиналето на Светското првенство во Унгарија.

„Баракудите“ чекаа цели седум години за да го победат актуелниот европски, светски и олимписки шампион, а вечерва во фантастичен дуел во Будимпешта славеа со минимална победа во постојано израмнет натпревар. За тоа како противник совладаа, доволно покажува фактот што Србите ги освоија сите девет златни медали на последните големи натпреварувања во овој спорт.

На вечерашниот меч, фаворитите постојано имаа минимална предност, но Хрватите возвраќаа, по четвртини беше 1:1/4:4/4:4, за Хрватска првпат да поведе со 11:10 во последниот период, а до крајот да биде постигнат само по еден гол на двете страни. Ако Сукно и Јоковиќ беа најрасположени за реализација со по 3 гола, тогаш мора да се потенцира и голманот Бијаќ кој имаше неколку клучни одбрани во завршницата кога Србите се обидуваа да израмнат, но не успеаја. На спротивната страна, феноменален настап имаше Прлаиновиќ кој го заврши натпреварот со 6 постигнати погодоци.

Хрватска во финалето на СП за противник ќе го има домаќинот Унгарија.

Facebook Коментари