Поврзете се со нас

Репрезентација

Бајиќ направи анализа: Никој не веруваше во нас, ама ние чесно работевме и тоа ни се врати

Објавено

на

Македонската кошаркарска репрезентација ќе игра во главните квалификации за Светското првенство кое во 2023 година ќе се одржи во Филипини, Јапонија и Индонезија.

Нашиот национален тим успеа да го освои првото место на претквалификацискиот турнир во Скопје и тоа во конкуренција на Словачка и Швајцарија. Сите селекции забележаа по две победи и два порази, но Македонија имаше подобар меѓусебен дуел и како првопласираната обезбеди место во наредната фаза каде ќе имаме далеку подобри и поквалитетни противници.

Предводникот Драган Бајиќ за битките во „Јане Сандански“ не можеше да смета на многу играчи, ама и со оние кои ги имаше на располагање успеа да дојде до резултат за кој направи анализа и даде коментар.

-За мене е најважно што ние ја остваривме нашата цел. Се изборивме за  првото место во групата, и ќе играме во квалификациите за пласман на Светското првенство.

-На почетокот, особено по стартниот пораз од Швајцарија, никој не веруваше дека ќе дојдеме до целта. Дури и оние најголеми оптимисти дигнаа раце од нас. Не веруваа дека можеме. Но јас постојано им говорев на играчите дека треба чесно да работиме. И дека таквиот пристап ќе ни донесе резултат. Чесно  работевме, тоа ни се врати. Дојдовме до посакуваното. Одигравме две средби на навистина високо ниво. Задоволен сум, се оддолжив на довербата која ја добив од страна на раководството на федерацијата на  најдобар можен начин. Но сите заслуги им припаѓаат на овие момци кои одвоија време, простор да бидеме заедно во тие 40.дена, -вели Бајиќ кој смета дека оваа репрезентација нема лимит.

-Во овој момент најважно е дека дојдовме до резултатот кој го посакувавме. Каде е лимитот, во овој момент не знаеме. Но ова е дел од историјата, за прв пат ќе играме квалификации за Светскиот Куп. А го реализиравме тоа без девет играчи во ростерот. Видовте дека на турнирот во Скопје играа кошаркари кои не беа ниту во оние 12 во претходните репрезентативни циклуси. Останува простор да видиме кој од нив навистина може да помогне во наредниот квалификациски циклус во кој повторно ни доаѓа европската репрезентативна елита. Јас ќе се обидам, колку е тоа возможно, да продолжиме со плановите да им даваме што е можно повеќе шанса на младите, затоа што тие ќе бидат и иднина на македонската сениорска репрезентација, -дополни Бајиќ кого сега го очекува работа во неговиот клуб Игокеа.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни