Австралискиот пилот Мат Хол е нов шампион во авионските трки

Photographer Credit:
Jason Halayko/Red Bull Content PoolPhotographer Credit: Jason Halayko/Red Bull Content Pool

Откако четири пати беше меѓу тројцата најдобри на крајот од сезоната, од што три пати вицешампион кој се бореше за титулата, Австралиецот Мат Хол конечно го освои „светиот грал“ на авионските трки во финалната трка од сезоната возена во Чиба, Јапонија.За да го оствари ова, тој го победи домашниот херој, Јошихиде Муроја, и тоа за само еден поен. Пред страсната публика која броеше точно 98 илјади посетители, Муроја имаше свои моменти и успеа да го оствари она што го зацрта – да победи во трката, но на Хол му беше доволен пласманот на третото место.

Остварувањето на Хол не доаѓа воопшто избрзано. Досега се одржаа 12 сезони од Светското првенство и вкупно 94 трки, а најавата е дека овие трки ќе престанат по оваа сезона, бидејќи нема интерес кај големите градови за организација на вакви спектакуларни настани. Оваа трка во Чиба беше последна шанса за освојување на трофејот. Публиката беше на нозе уште пред трката да почне, а најголем шок беше што Муроја беше елиминиран во првата рунда, кога сите 14 пилоти летаат директни елиминациски дуели. Муроја беше елиминиран од Британецот Бен Марфи за само 15 илјадити делови од секундата.

Вториот шок дојде само неколку минути подоцна, кога лидерот во генералниот пласман Мартин Шонка, направи грешка во дуелот со Никола Иваноф и ја пречекори дозволената граница на гравитациски сили и доби казна од една секунда по која беше елиминиран од натамошната борба и одбрана на титулата.

Речиси чудесно, кога судиите ја составоја листата на пилотитите за втората рунда на најдобрите осум, Муроја влезе во неа како „среќен губитник“ бидејќи беше елиминиран со најмала разлика. Јапонската супер ѕвезда доби шанса да продолжи да се брои за шампионската круна, а поранешниот воен пилот, Мат Хол, последна шанса за неговата мисија да стигне до титулата. И двајцата ја поминаа втората рунда и се пласираа меѓу најдобрите четири, заедно со американскиот ветеран Кирби Чемблис и Канаѓанецот Питер МекЛиод.

На стартот од решавачката рунда, МекЛиод започна со добивање казна, со што им овозможи пат на другите за директна борба на врвот. Муроја беше следниот на патеката и постави време од 58 секунди и 630 илјадити делови од секундата, возејќи безбедно.

Чемблис иако е двократен шампион, во своите бветерански денови успеа да се доближи само до 0,971 секунди и следеше настапот на Хол. Тој ја зачува присебноста и го направи она што беше потребно, освојувајќи го третото место со време од 1:00,052.

– Не ми беше важно каде ќе се пласирам, знаев уште при пласманот во последната рунда дека мора да бидам на подиум. Тогаш, во првиот лет, Питер удри еден од воздушните столбови. Иако условите беа зафркнати, знаев дека ќе се мразев себе си до крајот на животот ако добијам казна за мојот лет. Се обидов да возам безбедно без да се откажам премногу од брзината. Сега треба да го апсорбирам сето ова. Но, еј, кога ќе имам 90, ќе им кажувам на сите дека сум светски шампион!

Иако не ја освои титулата, сезоната на Муроја беше одлична, со три победи, наспроти една на Хол, притоа славејќи по трет пат во пет години пред домашната публика во Чиба. Кирби Чемблис исто така на висока нога се прости од навивачите кои го видоа како освојува две титули и има најдолг стаж од сите пилоти во овие трки.

Резултати: 1. Јошихиде Муроја (Јапонија), 2. Кирби Чемблис (САД), 3. Мат Хол (Австралија), 4. Питер МекЛиод, 5. Николас Иваноф (Франција), 6. Мика Бражо (Франција), 7. Франсоа Ле Вот (Франција), 8. Бен Марфи (Велика Британија), 9. Мајкл Гулијан (САД), 10. Хуан Веларде (Шпанија), 11. Кристијан Болтон (Чиле), 12. Матијас Долдерер (Германија), 13. Мартин Шонка (Чешка), 14. Петр Копфштајн (Чешка).

Табела: 1. Мат Хол 81 поен, 2. Јошихиде Муроја 80 поени, 3. Мартин Шонка 68 поени, 4. Бен Марфи 48 поени, 5. Кирби Чемблис 48 поени, 6. Питер МекЛиод 48 поени, 7. Николас Иваноф 47 поени, 8. Мика Бражо 44 поени, 9. Мајкл Гулијан 42 поени, 10. Хуан Веларде 39 поени, 11. Франсоа Ле вот 34 поени, 12. Кристијан Болтон 27 поени, 13. Петр Копфштајн 10 поени, 14. Матијас Долдерер 6 поени.

 

Facebook Коментари