Поврзете се со нас

Македонија

Антиќ: МЗТ Скопје треба да сфати дека ова е тимски спорт, не се сами во лигата!

Објавено

на

Претседателот на Кошаркарската федерација, Перо Антиќ, денеска во интервју за веб страната на сојузот се осврна на повеќе теми, меѓу кои и прекинот на првенството.

Таа одлука не беше поддржана од МЗТ Скопје, тимот кој не претставува на меѓународната сцена, поради што клубот најави дека ќе ги бара своите права.

– МЗТ Скопје треба да сфати дека ова е тимски спорт и дека не е сам во лигата. Тој е клуб со најдобри услови за работа и најдобри резултати последните години, тоа јас не можам да го негирам. Со години е единствен што нè претставува во меѓународните натпреварувања, а учеството во АБА лигата го сметам за многу важен елемент, во период кога Евролигата или ФИБА се недостижни за нас.

Но, мора да се знае дека во лигата постојат и Вардар и Академија ФМП и Пелистер и други, и кон сите треба да имаме ист однос. Сите да имаат исти обврски и исти привилегии. Федерацијата без клубови не може, клубовите без федерација не можат. Тоа е јасно, и го кажав тоа уште кога ја презедов функцијата.

МЗТ Скопје ги има сите бенефиции како да ја освоил титулата, иако првенството не е ни 50% одиграно, ни според натпреварите, ни според периодот на играње. Не се поминати седум, туку речиси четири месеци и 17 кола. Прво сакаа да се добие шампион надвор од терен, па кога не добија поддршка, предложија да се доигра остатокот од сезоната. Тоа не е возможно бидејќи странските кошаркари не се во земјава и не постојат услови да се вратат. Побараа да се воведе дополнителен преоден рок, но тоа не беше возможно, токму бидејќи сите сме еднакви и не може правилата да се менуваат на кого како ќе му текне,- вели Антиќ во интервјуто.

Во целото интервју Антиќ открива дека разговараат за уште една регионална лига со Грција, Бугарија и Србија, а се навраќа и на тоа дека Македонија требаше да биде организатор на ЕП за играчи до 16 години, наведувајќи и други работи за кои верува дека се позитивни за македонската кошарка, а кои ќе бидат детално соопштени на најавеното собрание на федерацијата.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни