Ангеловски: Помотивирани сме во 2018 година поради шансата што ни се укажува за ЕП!

makedonska himna mrme torino 2017

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, ќе биде во преден план во текот на 2018 година водејќи ја националната селекција низ новото натпреварување на УЕФА, Лигата на нациите, од каде што е можен пласман на ЕП 2020 година.

Македонија имаше девет настапи во 2017 година, пет победи, три нерешени, со единствен пораз од Шпанија во Скопје, а Ангеловски очекува уште подобри изданија поради големата шанса која ни се укажува.

ДЕРБИ: Селекторе, клучна е ждрепката на 24 јануари, но што потоа? Имаме ли план како Македонија да продолжи да блеска на фудбалските терени во 2018 година?

– Секако дека имаме план, сите мисли ми се сконцентрирани за Лигата на нациите и шансата што Македонија ја има да стигне до бараж за Европското првенство. Во таа насока ќе имаме две пријателски средби, две во март и уште две во мајско-јунскиот термин, па да го дочекаме стартот на Лигата на нациите во септември максимално подготвени.

ДЕРБИ: Македонија нема пораз од јуни, дали може да се надеваме дека ќе останеме непоразени и во 2018 година?

– Би рекол дека ако гледаме само преку тој параметар, фокусот би бил преопширен. Јас би гарантирал дека сите репрезентативци ќе бидат помотивирани поради шансата која што ни се укажува, дека секој ќе го даде максимумот и дека со сите сили ќе се обидеме да го зграбиме она што секој од нас го посакува, пласманот на ЕП 2020.

ДЕРБИ: Која е ваша Новогодишна желба?

– Надвор од фудбалот тоа секако е желбата во Македонија да се донесе лекот за мускулна атрофија, па дечињата како Јане Велковски кој неодамна беше на прославата на ФФМ и стана сензација поради контактот со Погба, заедно со неговите другарчиња да ми можат да го добијат и да му се радуваат на животот.

Facebook Коментари