Ананд се врати на тронот како светски шампион во рапид

hindustian times twitter

Индискиот велемајстор Вишванатан Ананд е новиот светски првак во забрзан шах (рапид), освојувајќи 10,5 поени од 15 мечеви на првенството што се играше во Ријад, Саудиска Арабија, со темпо на игра од 15 минути за секого плус 10 секунди за потег.

Ананд беше 12 играч според рејтингот на турнирот, а на својот пат кон тронот го „сомле“ и актуелниот светски првак Магнус Карлсен, во меч од 9.коло каде што Норвежанецот не успеа да ја искористи предноста на белите фигури. Со ова, тој на некој начин му се реваншираше на Карлсен кој му го „украде“ престолот во 2013 година, во меч за светската титула во класичен шах.

За разлика од Ананд кој немаше пораз во 15 партии, со ист број бодови како него завршија руските велемајстори Владимир Федосеев и Јан Непомнијачи, но со претпрпени порази кои се одразија на нивниот конечен скор и пласман на табелата. Магнус Карлсен беше во групата шахисти од 4 до 9 место со по 10 бода од 15 меча.

Во првите 15 се најдоа и двајцата играчи на Алкалоид од последните две сезони во Европскиот клупски куп, Јангји Ју на 12. место и Лирен Динг на 15 место.

Facebook Коментари