Анализа на Горазд Михаилов: Доминантниот финиш на Хрватска укажува на едно нешто!

mario mandjukic vs anglija 2018

Фудбалски немаше да биде реално, а и пошироката јавност мора сепак да се сложи – Англичаните не заслужија да добијат финале.

Можеби Хрватска го започна овој дуел некако отсутно, без консолидирани редови, примија гол на почетокот што сигурно не го планирале во ниедна варијанта, но беа упорни и дисциплинирани. Веруваа во системот 4-2-3-1 и со агилноста на Врсаљко преку десната страна конечно дојдоа до соодветна шанса во 68 минута за да се вратат во игра на величенствен начин. Ниту Перишиќ не блескаше, но против „гордиот Албион“ го покажа својот шутерски потенцијал.

Англичаните профитираа од дезорганизираноста на Хрватите, имаа цврста дефанзива со 5-3-2 и создаваа контра напади. Од друга страна, откако тренерите направија промени во екипите, Хрватите не само што ја преземаа иницијативата туку имаа и доминација во поседот на топката, што секако е нов момент, нов квалитет во играта на оваа репрезентација која досега се потпираше само на 3-4 силни индивидуалци. Во финишот таквата дефанзива на Англичаните беше казнета од не толку опасна ситуација, а Манџукиќ повторно се етаблираше како најдобар играч. Особено за мене е од непроценлива вредност неговата игра во двата правци, а настрана головите во нокаут натпреварите.

„Коцкастите“ добија заслужена шанса да испишат нова историја на „Мундијалот“, иако многумина веќе сметаат дека тие направија сензација со тоа што дотуркаа до оваа фаза. Натпреварот во недела е последен, но и најважен, а во него нема да биде битно што се случило на претходните дуели, туку кој ќе покаже повеќе во него.

Горазд Михаилов е стручен аналитичар на „Дерби“ за СП во Русија 2018.

Facebook Коментари