Анализа: Гонзалес наместо Гонзалес за ,,мирен тек” на Вардар?

kanjeljas-gonzales

Вардар покажа дека е сериозен да ја одбрани титулата во Лигата на шампионите, а по натпреварите од групната фаза може да се рече дека демонстрираше и подготвеност и форма на сигурен учесник во „Фајнал 4“.

Сепак, најавеното заминување на Гонзалес и дел од најквалитетните играчи поради истек на договорите, пред „црвено-црните“ наметнува уште еден предизвик кој наликува на сериозен ремонт. Ракометната јавност памети дека во минатото големи имиња како Копенхаген, Атлетико Мадрид, Хамбург и други, не успеаја да го задржат реномето и од европски шампиони стигнаа до дното.

Клучни луѓе за досегашниот успех беа Раул Гонзалес и Давид Дејвис (кој многумина не го споменуваат), па се чини дека нивната визија по која „ќе тече“ ракометниот Вардар бара соодветно достојна замена. На списокот на Самсоненко веројатно има многу имиња, но Вардар по топла препорака на Раул Гонзалес веројатно ќе го задржи шпанскиот „шмек“. Назначувањето на Дејвис би значело континуитет, речиси со сигурност може да се тврди дека тој секако ќе биде во Вардар идната сезона, но можеби во различна улога.

Можеби јавноста очекува звучни имиња, но не сите што доаѓаат предвид за нови предводници можат да се пофалат со титули. Системот на работа што го наметнаа досегашните лидери сугерира дека истиот може да продолжи со тренер кој не би ги менувал нештата од корен. Оттука, треба добро да се анализира што би значела најновата ексклузивна информација за ангажман на еден тренер како Хезус Хавиер Гонзалес, кој во ракометните кругови е познат и како Хота Гонзалес, а најмногу се истакна како предводник на Ла Риоха.

Тој потекнува од истиот град како Раул, односно од Ваљадолид, додека спортски директор на клубот е родениот брат на Раул, Хаиме Родригез Гонзалес. Обајцата важат за „тивки тренери“, со слична ракометна филозофија. Хота Гонзалес својот успех го должи на резултатите кои ги постигна во услови на големата светска криза, пркосејќи и на Барселона и настапувајќи долг низ години во Лигата на шампионите иако тимот има минимален буџет, а речиси секоја година менува голем број играчи во ростерот.

Се шпекулираше дека тој има атрактивна понуда да оди во Романија и да потпише повеќегодишен договор со ЧСМ Букурешт, но фактот што не го сторил тоа до сега може да значи дека е заинтересиран за „жешкото столче“ во Скопје. Секако, во конечната одлука многу ќе влијае и буџетот со кој ќе располага, како и планот на играчи што ќе ги предложи за ангажирање, или пак – ќе му бидат предложени.

Циндриќ уште лани потпиша за Кјелце, Штербик не можеше да одолее на огромната понуда од Веспрем која се шпекулира дека е над половина милион евра, а се поизвесно е дека и другите играчи ќе ги официјализираат своите трансфери до крајот на сезоната: Марсениќ во Фуксе Берлин, Борозан во Кил, Македа во Рајн Некар, а можно е таму да му се приклучи и Илија Абутовиќ, играч со големо срце кој своевремено дојде по желбата на поранешниот претседател Михајло Михајловски, а беше вистински столб на одбраната.

Но, нема место за песимизам, бидејќи исто така има големи најави за играчи кои ќе дојдат идната сезона да го облечат „црвено-црниот“ дрес, а со тоа Вардар ќе биде повторно силен и перспективен на долг рок. Прва (и веројатно најсигурна) е бековската двојка од Чеховски медведи, односно левиот бек Дмитри Санталов (21) и десникот бек Максим Куретков (23). Со искусниот Сергеј Горбок кој би можел да се врати во Скопје и да биде во средината, тоа ќе биде респектабилна линија која може многумина да изненади.

Најголема непозната е идниот чувар на мрежата, бидејќи тука има најмногу шпекулации. Мирко Алиловиќ веќе потпиша за ПИК Сегед, Иван Пешиќ е врзан за Мешков Брест, па затоа во јавноста се спомнуваат имињата на некои „птици преселници“ кои често ја менуваат средината, како Даниел Шариќ и Дарко Станиќ. Во моментов едно од позвучните голмански имиња без ангажман за следната сезона е Марин Шего.

Сите овие прашања ќе се актуелизираат многу скоро, а речиси сите трансфери се очекува да бидат обзнанети по Европското првенство во Хрватска, затоа што најголемиот дел од играчите ќе бидат таму со своите национални селекции. Од анализираните решенија може да се заклучи дека буџетот нема да биде најголемиот проблем на Вардар, бидејќи досега набројаните имиња не се ѕвезди кои чинат многу, а Вардар може да инкасира и дополнителни средства од трансферите на играчите кои се уште се под договор, или од освојување на нова титула во ЛШ.

Агрон Хајретин

Facebook Коментари