Поврзете се со нас

Млади спортисти

Амбициозниот Месуд Кадри го остварува својот сон во Австрија Салцбург

Објавено

на

Фудбалската траекторија на големите ѕвезди речиси секогаш подразбирала секојдневна посветеност, голема дисциплина и многу откажувања. Талентот може да биде повод, но не и причина за успешна кариера, бидејќи тој мора да биде надграден со долгогодишна работа, која започнува од почетните младински категории.

Класичен пример за пожртвуваност и посветеност е тој на талентираниот Месуд Кадри, 13-годишното момче кое од доминација низ уличките на Долно Количани, стигна до младинската академија на Австрија Салцбург.

Благодарание на упорноста и поддршката на родителите, преку младинските академии на Вардар и Форца, Месуд собра храброст да се појави на тест тренинг во угледниот австриски тим и си обезбеди голема шанса за својата фудбалска иднина.

– Стапивме во контакт со академијата на Австрија преку мои роднини кои живеат во Австрија, но оттаму ни побараа да снимиме цд со извадоци од настапите и потезите на Месуд. Се распрашавме и сфативме дека снимањето чини мало богатство, па јас како мајка решив да го однесам Месуд директно на проба во соодветната категорија во академијата на Австрија Салцбург.

– Никого не познававме, но Месуд доби шанса да се докаже за време на двочасовен тренинг, а по истиот ни беше закажана средба со главниот тренер, односно менаџер на академијата, Саша Гастхубер. Моравме да чекаме цела недела, но по новиот тест тренинг, Гастхубер беше импресиониран од мојот син и тој веднаш беше примен во нивната академија, – вели мајката Љука.

Месуд го потпишува договорот со Австрија Салцбург во друштво на својата мајка и првиот човек на младинската академија, Саша Гастхубер

За целосна слика околу начинот на кој во клубот се грижат за големите таленти, но и за третманот кој го добива младиот македонски интернационалец, говори и фактот што клубот му обезбеди соодветен образовен процес на Месуд, додека неговите родители добиле работни места, како основа да бидат негова поддршка и компензација за загубените работни места во Македонија.

Во новата сезона, Месуд ќе биде дел од У-14 тимот на Австрија и наскоро ќе стартува со официјални натпревари, во сезоната во која со своите врсници најпрвин ќе се натпреварува во регионалната лига која опфаќа клубови од Салцбург.

Левото крило на „виолетовите“ од градот на Моцарт, напредуваше многу за краток период, но и тој и неговото семејство се свесни дека во новата средина ќе мора да тренира уште понапорно и да потврди својот потенцијал во поголема конкуренција. За нив е најважно е приказната на Месуд да биде мотивација за сите талентирани деца во нашата земја.

– Им порачуваме на родителите да веруваат во своите деца и нивниот талент и да не се откажуваат и кога е најтешко. Ние моравме да го носиме нашиот син на тренинзи и натпревари најмалку четири пати неделно од Долно Количани, тоа се многу километри, но бевме упорни, а Месуд уживаше во тренинзите и напредуваше. Понекогаш парите не се важни, бидејќи ние докажавме дека и скромно семејство со соодветна упорност може да му овозможи голема шанса на своето дете, – вели мајката на талентираниот фудбалер.

Една од желбите на Месуд е да ги поттикне и мотивира своите довчерашни другарчиња од Македонија, а се надева дека ќе добие и соодветен третман од фудбалската федерација.

– Кога потпиша за австрискиот тим, ние испративме мејл до федерацијата за да им посочиме дека ќе има македонско дете во Салцбург. Не добивме никаков одговор, но можеби и пораката не стигнала таму каде што треба. Се надеваме дека нема да го заборават Месуд, бидејќи негова желба е да ја претставува Македонија, земјата каде порасна и ги направи првите фудбалски чекори, – вели мајката на Месуд.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни