Поврзете се со нас

АТП

Алкарас не му верува на Ѓоковиќ: Не велам дека правеше шоу со повредата, но…..

Објавено

на

Карлос Алкарас беше подобар тенисер во завршницата од првиот сет и изгледаше дека стекнува огромна предност против тенисер кој има физички проблеми, но како безброј пати во кариерата, Новак Ѓоковиќ успеа да се врати како феникс и да заборави на сите проблеми со кои се соочуваше.

Србинот побара медицински тајм-аут и му требаше повеќе од еден сет пред да почне да се движи без никаков проблем, а откако го направи тоа, успеа да го преслуша далеку помладиот ривал над кого славеше со пресврт со 3:1 во сетови.

Алкарас на моменти изгледаше како тенисер кој не знае што го снашло на теренот и не наоѓаше никакво решение за агресивната игра на Ноле, но инспириран од изјавата на Србинот, Алкарас излезе со едно искрено обраќање на пресот, со кое јасно стави до знаење дека не верува во зборовите на својот ривал.

Ѓоковиќ по победата нагласи дека најверојатно немал да го продолжи мечот ако го загубел тесниот втор сет, но Алкарас смета дека такво нешто немал да направи тенисер кој ја стигал секоја топка во третиот и четвртиот сет.

– Чувствував дека го контролирам мечот, но му дозволив да се врати, тоа беше најголемата грешка која ја направив денеска. Морав да го притиснам до неговите граници во вториот сет, особено во моментите кога се мачеше со движењето. После тоа му дозволив да се врати и тој заигра подобро. Кога ќе се случи тоа, тешко е да играте против Новак. Имав свои шанси, но најголем дел од клучните поени завршија на негова страна.

– Не велам дека Новак правеше шоу со повредата, се гледаше дека тешко се движи во вториот сет, но во третиот и четвртиот сет немаше ништо такво. Не верувам дека ќе се повлечеше по крајот на вториот сет. Тенисер кој мисли да се повлече не може да одигра трет и четврт сет како што одигра тој денеска.

– Не е лесно да се игра во такви услови. Кога гледате дека некој се мачи, тогаш и вие не играте на највисоко ниво. Делува дека ќе биде полесно, но истовремено размислуваш само да не направиш грешка и почнуваш не го удираш топчето како што треба. Во тие моменти, тој почна да удира силно, играше поагресивно и направи пресврт. Слушнав какви убави зборови имаше за мене и му благодарам за тоа. Јас само добивам многу од играње вакви мечеви против него, па затоа си одам од Австралија со високо подигната глава, – изјави Алкарас.

Advertisement
Advertisement

Италија

Advertisement

Популарни