Поврзете се со нас

Шах

Алкалоид останува на тронот, „хаварија“ за Гамбит Асеко

Објавено

на

Од 14 до 20 октомври со Струга се одржа екипното првенство на Македонија во шах, каде што ШК Алкалоид влезе како фаворит и по 19 пат во историјата ја освои шампионската титула.

Најуспешниот шаховски колектив во нашата земја имаше максимални седум победи од седум кола и со 14 бода се издвои на врвот на табелата. За „фармацевтите“ на првата табла играше Кинезот Јангји Ју, на втората Ерменецот Шант Саргсјан, а на третата Србинот Александар Инѓиќ. Сепак, учинокот на македонските играчи додје до израз бидејќи најмногу поени (секој по 4) освоија Звонко Станојкоски (ги одигра сите седум кола), Тони Лазов и Драгољуб Јаќимовиќ (100% учинок). Непоразен и со освоени 3,5 бода од 5 партии беше Филип Панчевски, а покрај долгогодишниот лидер Трајко Недев, оваа година во тимот беше и минатогодишниот шампион на Македонија во поединечна конкуренција, Филип Михов.

Изненадување направи ШК Прилеп, совладувајќи го „вечно вториот“ Гамбит Асеко, со што им презема второто место на табелата. Во директниот дуел на овие два тима во петтото коло, клучна беше победата на прва табла, каде што Бобан Богосављевиќ извојува победа над Кирил Георгиев. ШК Прилеп во последното коло ремизираше со Гостивар, па на тој начин имаше 11 бода на табелата, а нивните ривали останаа на 10.

Во борбата за опстанок беа вклучени останатите пет екипи, кои низ меѓусебни дуели го дадоа конечниот пласман, па така од лигата испаѓаат ШК Фишер од Куманово и ШК Стево Патако од Битола. Интересно, црногорскиот велемајстор Никола Ѓукиќ кој играше за ШК Стево Патако беше најуспешен играч на првата табла, освојувајќи 5 од 7 поени. Од домашните играчи на турнирот во најдобро светло се покажа младинецот Емил Ристески кој имаше 6 бода од 7 партии (четврта табла), додека Дејан Стојановски (четврта табла) и Никола Николовски (петта табла) имаа 5 од 7. Забележителен настап имаше и Љубиша Андоновски, со максимален учинок 3 бода од 3 партии, иако беше еден од ретките ветерани кои играа на турнирот.

Истовремено се играше и лигата во женска конкуренција, каде што славеше МШК Центар со 12 бода, пред Алкалоид со 9 и ГШК Куманово со 8 бода, додека Гамбит Асеко на четвртото место со седум бода „извиси“ во борбата за медал. Шахистките на Неготино го добија дуелот за опстанок освојувајќи 4 бода, оставајќи ги зад себе Стево Патако со два и Карпош без бодови.

 

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни