Алкалоид на чекор до титулата, Данчевски направи сензација против Криворучко

orce danchevski vs krivoruchko struga 2018

Во дерби натпреварот од петтото коло на екипното државно првенство во шах, водечките две екипи на табелата, Алкалоид и Гамбит Асеко, изиграа нерешено 3:3, со што Алкалоид ја задржува предноста на табелата во пресрет на последните две кола.

За Алкалоид победија Јаковенко и Елјанов на првата и третата табла, додека на четвртата и петтата, беа одиграни реми партии. Во такви услови последните две партии на денот кои траеја до доцна во ноќта, се покажаа како пресудни. Орце Данчевски (2351) на втората табла со бели фигури го изненади Јуриј Криворучко (2711), веројатно играјќи ја својата животна партија за триумф против велемајсторот од светска класа. Во каталонско отворање, тој рано жртвуваше пешак за позиција што има иницијатива и го доведе противникот во незгодна ситуација, по што во безгрешна завршница успеа да стигне до цел поен. Љубиша Андоновски на шестата табла го сопре досега најуспешниот играч на Алкалоид на овој турнир, Дејан Стојановски, играјќи дамско индиско отворање, при што позиционата предност потоа ја претвори во материјална предност.

Во другите дуели вреди да се одбележи дека младинците од МСК Центар изборија 3 ремија со Прилеп кој се бори за трето место на табелата, додека Гостивар славеше со 6:0 против Гостивар, а БМ Кисела Вода со 5,5:0,5 го надигра Карпош.

На табелата Алкалоид води со 9 бода, пред Гамбит Асеко и Прилеп со по 8 поени. БМ Кисела Вода има шест поени, еден повеќе од Гостивар.

Денеска во претпоследното шесто коло играат Прилеп – Алкалоид, Гостивар – БМ Кисела Вода, Карпош – МСК Центар и 4 ноември – Гамбит Асеко.

Facebook Коментари