Алкалоид со лекција за Падова до Топ 3 пласман на ЕКК во Анталија

alkaloid-antalija3

Шаховскиот клуб Алкалоид оствари уште една убедлива победа на Европскиот клупски куп во Анталија и се најде во Топ 3 друштвото, уште еднаш потврдувајќи дека останува во битката за медал на овој престижен турнир.

Актуелниот македонски и европски шампион ја брани титулата освоена минатата година во Нови Сад, а денеска славеше над Падова со резултат 5,5-0,5, со што се искачи на третото место на табелата. Динг, Елјанов, Андрејкин, Ју и Криворучко остварија нови победи, додека единственото реми беше на петтата табла каде Дмитри Јаковенко ремизираше со Алезио Валсеки.

За Алкалоид ова беше важна победа на две кола до крајот на ЕКК и истите ќе ги дочека во ситуација да се бори за највисок пласман и да го решава епилогот во дуелот со најдобрите. Утре ќе бидат појасни многу работи откако противник на актуелниот шампион ќе биде првопласираниот Глобус кој влезе и со најдобар рејтинг на овој куп.

Вториот македонски претставик, екипата на Гамбит Асеко го доживеа и вториот пораз во два дена. Денеска Гамбит загуби од Баја Маре од Романија со 5:1, а единствената победа ја обезбеди Дејан Динев кој на шестата табла го совлада велемајсторот Тибериу-Маријан Георгеску.

По денешната 5. рунда, Алкалоид е на 3. место со четири победи и еден пораз, додека Гамбит Асеко сега е на 15. место на табелата со три победи и два порази.

На останатите поинтересни дуели, Глобус и Одлар Јурду ремизираа со резултат 3:3 и остануваат на првите две позиции, додека чешки Нови Бор славеше над руски Легаси СК со 3,5-2,5. Покрај дуелот Алкалоид-Глобус, утре во битката за медали важни се и пресметките Одлар Јурду-Медни Всадник и Нови Бор-Баја Маре.

Facebook Коментари