„Алкалоид“ го дели третото место на ЕКК 2018, „Гамбит“ се додаде во историјата!

Alkaloid-MuConsult (Holandija) - Jakovenko

Шаховскиот клуб „Алкалоид“ оствари убедлива победа над израелскиот шампион „Бер Шева“ (4,5-1,5) во последното коло на Европскиот клупски куп, но немаше среќа да го понесе бронзениот медал заради послаб „тај-брејк“.

На исклучително силниот турнир кој денеска заврши во Порто Карас, Грција, учествуваа 61 екипа од „Стариот континент“. Во последното коло се случија неколку изненадувачки резултати, па така првиот руски тим „Медни Всадник“ (кој претходно беше поразен од Алкалоид) го совлада норвешкиот тим Валеренга предводен од светскиот првак во индивидуална конкуренција, Магнус Карлсен и изби на првото место со 12 бода. Со тоа тие го наследија пехарот од сонародниците „Глобус“ кои триумфираа во 2017 година на турнирот во Анталија.

Единствени кои собраа колку нив беа од тимот на „АВЕ Нови Бор“, благодарение на победата над „Одлар Јурду“ од Азербејџан. Бидејќи Падова ремизираше со вториот руски тим Молодежка, а Алкалоид го совлада „Бер Шева“, се создаде група од четири екипи со по 11 бода на делба од третото до шестото место.

Најквалитетниот македонски претставник беше сигурен во седмото коло, а победата против израелскиот ривал ја најави Лирен Динг на првата табла, кој ја потврди фаворитската улога против Украинецот Захар Ефименко. Елјанов и Криворучко ремизираа на петтата и шестата табла, по што на четвртата Јаковенко оствари победа над Израелецот Хузман, потврдувајќи ја победата. Дуелот беше затворен со ремито на Андрејкин и Роиз, за конечни 4,5-1,5.

Нашиот втор претставник, Гамбит, ја оствари и четвртата победа и тоа против екипата Вуд Грин од Англија, со резултат 3,5-2,5. Притоа, Стојчевски, Динев и Андоновски остварија победи на четвртата, петтата и шестата табла, па иако Арнаудов и Данчевски загубија на првите две, ремито на Николовски беше доволно за победа. Шахистите на Гамбит на крајот се на делба на седмото место (според тај-брејкот на осмото место), со што во Грција го обезбедија својот најдобар резултат во досегашните настапи на ЕКК.

Facebook Коментари