Алегри се поблиску до Јунајтед: Планира да пристигне на „Олд Трафорд“ со двајца играчи од Јуве!

alegri-sisan

Лошата серија на резултати во која западна Манчестер Јунајтед предводен од Оле Гунар Солскјер го предизвика првиот посериозен потрес во неговата ера, а иако фудбалските легенди од „Олд Трафорд“ го советуваат раководството да му дадат време на Норвежанецот, повеќе од јасно е дека евентуално продолжување на лошата серија, ќе резултира со неизбежното, односно отказ на менаџерот.

Во таа насока одат и најавите на влијателните англиски таблоиди, кои во последните неколку дена вршат се поголем притисок за смена на Солскјер, со самото тоа што објавуваат вести за негов потенцијален наследник. Познатите весници од Островот го издвоија Масимилијано Алегри како човек кој е прв избор на раководните луѓе на клубот, вести на кои се надоврза и угледниот весник од Торино, „Тутоспорт“.

Италијанскиот весник се повика на свои извори и открива дека луѓето од Манчестер веќе стапиле во контакт со Алегри, со цел да подготват терен за менаџерска смена доколку лошите резултати не се променат во блиска иднина. Популарниот Макс е без работа откако се раздели со Јувентус по крајот на минатата натпреварувачка сезона, а во својата вест, „Тутоспорт“ вели дека голем адут на Алегри за пристигнување на театарот на соништата е тоа што со себе може лесно да ги понесе и Емре Џан и Марио Манџукиќ кои немаат речиси никаква улога во Јувентус воден од Сари.

Facebook Коментари