Поврзете се со нас

Италија

Алегри го испофали Интер откако Јувентус загуби од Удинезе

Објавено

на

Foto:juventus.com

Јувентус до пред само две недели беше сериозно во трката за Скудетото и беше на дофат од Интер, но серијата од три меча без победа направи изјавите на Масимилијано Алегри полека да изгледаат навистина реално.

Тренерот на Јувентус од самиот почетокот потенцира дека Јувентус не ја брка титулата и дека главен фокус е обезбедување место во Лигата на шампионите, нешто што по поразот од Удинезе изгледа и како најреална цел со оглед на формата во која игра Интер.

Тимот од Милано сега има седум бода предност на табелата и еден натпревар во рака (дуел со Аталанта), па на Алегри не му беше проблем да дели комплименти за тимот на Инѕаги кој според него е недопирлив во Серија А.

– Влеговме во незгоден период, освоивме само еден бод на последните три меча. Имаме важна цел до крајот на сезоната, а тоа е место во Лигата на шампионите. Мора да се вратиме на победничките патеки и да обезбедиме топ четири. Момците извршија одлична работа досега, но мора да се вратиме на победничките патеки.

– Имавме амбиција да останеме блиску до Интер и тоа ни даваше мотивација, но секогаш велев дека Интер е друга класа, имаат неверојатна сезона и заслужуваат поздрав. Тие го почнаа својот проект со Конте уште пред неколку години, нормално е да бидат фаворити за титулата. Јувентус тргна по друг пат пред две години, нашата цел е да се вратиме во Лигата на шампионите и тоа го зборам од почеток. Инѕаги врши неверојатна работа во Интер, но јас не сум луд кога излегувам со изјави и кажувам одредени работи. Интер е на друго ниво во споредба со нас. Така беше и со Јувентус во мојата прва етапа. Го имавме најдобриот тим и беше нормално да победуваме и да освојуваме титули. Наша норма беше да победуваме цело време, сега истото важи за Интер. Имаат 60 поени и еден меч во рака, Симеоне и неговиот штаб заслужуваат пофалби, – изјави Алегри.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни