Агентот Гарсија: Реал немаше доволно трпение со него, тој ќе стане најдобар во светот

teo-kiki

Реал Мадрид во 2017-та година издвои солидна сума на пари за Тео Ернандез и успеа да му го „украде“ играчот на лутиот градски ривал Атлетико, но само две години подоцна, „кралевите“ доста лесно се откажаа од него и го продадоа на Милан за 20 милиони евра.

Тоа беше за четири милиони помалку од цената која беше издвоена две лета претходно, а трансферот во Милано се случи откако Зинедин Зидан одлучи дека за младиот лев бек нема место во Реал во друштво на Марсело, но и откако клубот значајно се потроши за да го купи Французинот Менди.

Тео во меѓувреме играше и во Алавес и во Реал Сосиедад, но и покрај тоа што промени доста клубови, на свои 22 години во првиот дел од сезоната се покажа како најдобар играч во првиот тим на Милан, нешто што го натера неговиот агент да излезе со една храбра изјава.

– Тео пристигна во Реал многу млад, не беше созреан. Реал не покажа трпение со него, мора тоа да се нагласи. Со млади и талентирани играчи како него, потребно е време и трпение, потребно е да им дадете простор. Но, понекогаш во клуб како Реал се нема трпение, сакаат експресни резултати. На крајот, играчите мора да пронајдат друг клуб каде ќе експлодираат. Тоа се случува со Тео во Милан. Има само 22 години и ако продолжи напорно да работи, ќе стане еден од најдобрите леви бекови во светот, ако не и најдобар, – порача неговиот агент Гарсија Килон за „Калчомеркато“.

Facebook Коментари