Поврзете се со нас

Зимски спортови

Илина Арсова го постави македонското знаме на врвот на Антартикот!

Објавено

на

Алпинистката Илина Арсова (37) денеска објави дека го освоила врвот Винсон (4.892 метри) на Антарктикот, последниот во низата од седум највисоки врвови на седум континенти.

Арсова го сврте вниманието на пошироката јавност кога во мај 2013 година го освои Монт Еверест (8.848), а потоа ја најави мисијата „Седум врвови на седум континенти“ со која уште еднаш го впиша своето име на златните страници на македонскиот алпинизам.

– Мисијата 7 врвови е завршена! Македонското знаме на врвот Винсон 4892м на Антарктикот со ладни раце, но топло срце. 💜 Со ова искачување станав прва жена од нашата земја и една од 60 во светот кои ги искачиле највисоките врвови на сите континенти (по Меснерова листа), како врвен успех во планинарските спортови. Незаборавно искуство и прекрасно чувство! Огромна благодарност до Агенција за Млади и Спорт и Федерација за планинарски спортови, како и сите останати поддржувачи, спонзори и пријатели кои веруваа и беа со мене. Нека ова биде поттик за сите вас да верувате во невозможното и да сонувате бидејќи со многу воља, упорност и труд, порано или подоцна соништата се остваруваат,- напиша Арсова на социјалните мрежи објавувајќи го успехот.

Во биографијата на Арсова е запишано дека таа дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а преку уметноста подолго време ги претставува загадувачките навики и човековите интервенции врз природата, обидувајќи преку визуелен креативен израз да допре и делува врз подигнување на еколошката свест кај народот.

– Мојата желба е луѓето почесто да излегуваат во природа, но и подобро да се грижат за неа, да ги научат вистинските вредност во животот, да ги препознаат и пронајдат своите врвови и успешно да ги освојат,- рече Арсова за „Дерби“ во изјавата дадена пред четири години кога успеа да се искачи на врвот Мера, во Непал, на 6476 метри надморска височина.

Во 2016 година Арсова го промовираше и документарниот филм за освојувањето на врвот Денали (6.194), што се наоѓа на планината МекКинли во Алјаска и важи за највисок врв во Северна Америка, воедно еден од најопасните и најизолираните, што бара и огромна сериозност и подготовка за потфатот.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни