Сасуоло ја одреди цената за својот најдобар играч кој го мерка и Конте

domeniko-berardi

Италијанските медиуми пред неколку дена пренесоа дека Доменико Берарди е многу поблиску до трансфер во Интер отколку во Јувентус кој инаку имаше и 50 проценти од правата на напаѓачот, но изминатиов викенд се појавија силни шпекулации на Апенините дека во трката е впуштен и менаџерот на Челси, Антонио Конте.

Напаѓачот на Сасуоло веќе две-три години важи за еден од најталентираните напаѓачи во Италија, но ова лето се очекува дека 22-годишниот голгетер конечно ќе го направи потребниот исчекор заигрувајќи за еден многу посилен тим од актуелниот.

Мора да се напомене дека Берарди не ја минува најдобрата сезона во својата кариера со оглед на тоа што имаше неколку повреди во досегашниот тек на првенството во Италија, но бидејќи гласините за негово заминување од Сасуоло се многу гласни, денеска пристигна порака од страна на клубот.

– Берарди има една доста тешка сезона, а причина за тоа се повредите. Тој полека се враќа во ритам и ние се надеваме дека тој ќе стане симбол за Сасуоло. Сепак, ако некој сака да ни го „украде“, тогаш ќе треба да ја плати потребната сума на пари. 40 милиони евра мислам дека е соодветната отштета за него, – истакнал генералниот директор на Сасуоло, Џовани Карневали.

 

Facebook Коментари