Мората со гол и страшна асистенција не успеа да спречи пораз на Челси, враќање од соништата за Руни на „Гудисон парк“ (Видео)

morata-topka-dvojka

Челси на непосакуван начин ја стартуваше новата натпрерварувачка сезона во која ја брани титулата, но фановите на клубот од Лондон не можат да бидат воопшто разочарани од желбата и карактерот кои го покажаа нивните миленици во ситуација кога имаа висока негатива и дури двајца играчи помалку на теренот.

Актуелниот англиски шампион остана без Кејхил уште во 14-та минута по еден невнимателен старт на стоперот, а гостинот Барнли знаеше како да го искористи тоа и комплетно го нокаутираше фаворитот до крајот на првиот дел. Воукс на двапати и Ворд ја погодија мрежата на Куртоа за убедливи и шокантни 0:3, но кога сите мислеа дека второто полувреме ќе биде мачење за домаќините, следуваше блесок на Алваро Мората кој внесе неверојатна свежина во составот на Антонио Конте.

Шпанецот го замени Батшујаи во 59-та минута, а десет минути подоцна го постигна својот деби гол на „Стемфорд Бриџ“ со што навести неизвесна завршница. Челси силно притисна во продолжение, но набрзо доживеа нов шок бидејќи Фабрегас беше исклучен за втор жолт картон. Сепак, и во ваква ситуација „сините“ намали на 2:3 по страшната асистенција на Мората со глава до Давид Луиз, а Барнли на крај беше многу среќен бидејќи Алонсо во 94-та минута го погоди само блокот во петерецот во ситуација кога имаше можност да израмни на 3:3.

Од другите мечеви кои се одиграа во 16:00 часот, за издвојување е враќањето од сонишата на Вејн Руни на својот „Гудисон парк“, бидејќи искусниот напаѓач постигна одличен погодок со глава кој се покажа како круцијален за минималната победа на „карамелите“ од 1:0 над Стоук. Покрај Барнли, големо изненадување прирерди и Хадерсфилд кој го декласираше Кристал Палас со 3:0, ВБА го победи Бурнмаут со 1:0, а Саутемптон и Свонси одиграа разочарувачки 0:0.

 

Facebook Коментари