Поврзете се со нас

Формула 1

Фајтерството е нужно за раководењето

Објавено

на

Натпреварувањата под закрила на ФИА, како што се првенствата на земјите соединети во Централно Европската зона, секоја сезона завршуваат со гала манифестација, при што земјата домаќин ротира. По ланската средба во Белград, споредбите со гала-вечерта во Скопје убедливо укажуваат дека македонските организатори брилјираат во речиси секоја можност, а шлаг на сето тоа беше присуството на претседателот на ФИА, Макс Мозли.

Иако додели неколку пехари, и самиот беше гостин на церемонијата и одржа мошне кус говор “не дека не сака да држи говори, туку дека луѓето имаат тенденција да не ги слушаат говорите“.

– Вашата посета на Македонија е поради церемонијата на доделување награди за Централноевропската зона на ФИА, која беше одржана во петокот вечер. Тоа беше голема чест за македонскиот клуб АМСМ, но тоа е дел од Вашата филозофија, да ги поддржувате помалите клубови, а и тие да Ве поддржуваат Вас, а исто така и да поддржувате помали екипи во Формула 1, а не екипите кои имаат фабрики зад себе. Која е основата на таа филозофија? Зошто го правите тоа?

– Како прво, чест ми е што клубот АМСМ ме покани да дојдам тука и навистина уживав. Охрабрувачки да се види дека Централноевропската зона толку напредува. Во неа спаѓаат 13 земји и луѓето што победуваат се од разновидни категории и на различна возраст и тоа навистина охрабрува. Но, суштината на ФИА, структурата секогаш била федерација на клубови и земји, некои големи, а некои мали. Помалите, исто така, имаат право на глас како и големите. Некои од големите клубови се жалат за ова, велат дека не е фер, дека треба да имаат повеќе гласови отколку малите клубови. Но ние им велиме да одат во Обединетите нации и да ги убедат дека големите земји треба да имаат повеќе гласови, па тогаш ќе видиме и ние. Но, во вистинска демократија од таков вид добивате подобар консензус во мислењата. Друга интересна работа е дека во малите земји има многу способни луѓе кои раководат, на пример, со националните мото-клубови. Очигледно таков е случајот и овде, со професорот, кој е претседател. Таков е пристапот, треба да се поддржуваат помалите клубови, помалите екипи, зашто тие се основата врз која функционира се. Во спротивно, тоа би се претворило во елитна организација и би го изгубила основниот елемент на прием на нови, млади луѓе и нови земји. Тоа е она што ја прави успешна.

– Вие сте познат меѓу македонската публика благодарение на распространетото известување за Формула 1. Сега сте среде кампањата на воведување стандардизирани мотори во екипите на Формула 1 и намалување на трошоците за натпреварување. По толку промени во изминатите години, верувате ли дека Формула 1 е истиот спорт кој започна пред 60 години?

– Да, главно. Со т.н. стандарден мотор ние ја намалуваме излезната моќ, па, од една страна, на малите тимови можеме да им понудиме евтин погон, односно мотор и менувач, а на фабриките, ако сакаат, да си продолжат со својот систем, но излезната моќ, силата, да остане изедначена. Во старите времиња, се одеше на капацитет, а сега на вадење сила од постојниот капацитет. Дополнително тука ќе се најде и новиот систем за конвертирање на топлинската кинетичка енергија од сопирачките во екстра сила.

– Луѓето се навикнати на честите промени, па секоја недела има барања за нови промени, како што е поинаква дистрибуција на освоените поени, воведување на златни медали, а некои бараат стандарден КЕРС систем. Што мислите Вие, како ќе изгледа Формула 1 следната година?

– Мислам дека идната година нема да бидат направени промени за кои не се согласиле сите екипи. Проблемот со Формула 1 е што луѓето во неа постојано добиваат нови идеи и забораваат дека публиката ги гледа само еднаш на две или три недели. Понекогаш овие нови идеи можат да бидат збунувачки. Мојот личен став е дека не треба да се менува премногу и пребрзо, освен ако навистина има потреба за тоа од финансиски причини или нешто слично. Но, секогаш постои притисокот за промени.

– ФИА е владејачкото тело во мотоспортот низ светот, но за Формула 1 Вие најавивте промена во работата на стјуардите. Имавме некои повеќе или помалку незгодни ситуации во минатото, на пример забраната на гумите на Мишелин во 2003, па потоа забраната на амортизерите со маса на Рено во 2006. Оваа година беше воведено ново разбирање за тоа како возачот треба да му дозволи на друг возач да го претекне некоректно, како што направи Луис Хамилтон во Спа со Кими Раиконен. Дали е неопходно овие работи да се прават среде сезона?

– Ако ги земеме за пример гумите Мишелин, во текот на сезоната откривме дека кога ќе се измери нова гума, таа не е поширока од стандардите, но кога е на патеката, таа е поширока од максимално дозволената ширина. Јасно е дека кога ќе откриете такво нешто треба да го спречите. Ги споменавте и амортизерите со маса. Беше откриено за време на сезоната дека амортизерите не дејствуваат онака како што ни рекоа дека ќе дејствуваат, дека ќе го држат тркалото на земја, туку имаа влијание на аеродинамиката. Повторно, кога го откривме тоа, моравме да преземеме нешто, инаку немаше да биде фер кон екипите. Го спомнавте правилото за престигнување во текот на сезонава. Имаше инцидент во Јапонија во 2005 година кога на возачите им беше кажано дека ако недозволено престигнат, ќе мораат да го пропуштат другиот возач вистински, а не само симболично. Истото што се случи во 2005 во Јапонија, се случи и со Хамилтон во Спа оваа година. Но, пак, возачите го знаеја тоа. Тоа само ги потсети на она што се случи во Јапонија. Но, човек мора да запамети дека тоа е неверојатно сложен спорт. Малку е како обичните спортови, каде што имате правила на игра. Но покрај тоа имаме и неверојатно сложена техничка машина, тоа е болидот на Формула 1. Потсетете се дека тие имаат меѓу 50 и 100 модификации на болидот од трка до трка. Тоа за нас неизбежно значи дека треба постојано да ги следиме работите и секогаш постои ризик дека ќе мора да се воведе некое правило кое што не сме го вовеле порано, зашто се смениле болидите.

– Кога зборуваме за ФИА, фокусот секогаш е на Формула 1. Но има многу шампионати под контрола на ФИА рели шампионатите, ВТЦЦ туринг, карт шампионатите и други. Каква е нивната иднина ако се има предвид она што се случува во Формула 1, колку промени има таму и што можеме да очекуваме да се случува во тие шампионати?

– Во овие шампионати има помалку притисок отколку во Формула 1 зашто проблемот во Формула 1 е што во врвните екипи имате 1000 луѓе кои работат на два болида. И сите се зафатени, затоа работите постојано се менуваат, па и сликата со која се соочуваме постојано се менува. Колку подолу се оди во шампионатите, има помалку луѓе и помалку пари, затоа и стапката на развој е побавна. Тие нам ни редизвикуваат помалку проблеми. Но севкупно, во целиот спорт, од Формула 1 до картинг, во моментов основниот проблем се трошоците. Тие беа премногу скапи и пред моменталната финансиска криза низ светот, а сега се уште поскапи. Ние очигледно се обидуваме да ги намалиме трошоците за да може да продолжи натпреварот.

– Факт е дека мотоспортот се менува, веќе видовме дека првиот дизел автомобил победи на ВТЦЦ туринг шампионатот. Од тој агол имаме многу спортови кои се поддржани не од човечка сила како пукањето или сноубордингот. И мотоспортот е еден од спортовите кој е помогнат од механичка сила, а не е вклучен во Олимписките игри, на пример. Дали е можеби предизвик за Вас да го ставите мотоспортот на Олимписките игри?

– На прв поглед, тоа изгледа многу привлечно. Честопати сме имале дискусии на ниско ниво со ИОК, ние имаме многу добри односи со ИОК. Штом ќе го разгледате тоа внимателно, ќе видите дека има тешкотија, дека морате да ги ставите сите механички спортови. Во мотоспортот има голем број категории, еден ден можеби Олимпискиот комитет ќе го разгледа тоа, зашто се работи за многу важен дел од спортот, но не треба да се потценува колку голем зафат би било тоа. Не сум експерт, но мислам дека во ИОК сметаат дека имаат премногу спортови, дека дозволиле да влезат некои маргинални работи. Затоа веројатно не бараат нови работи.

– Трката на Водно над Скопје се одржува веќе долго време, можеби повеќе од 3 децении, а минативе години стана дел од Челинџ купот на ФИА. Имате ли Вие или Централноевропската зона на ФИА, своја визија дека можеби треба да се соработува со глобални промотори за да се развијат овие трки?

– Тешкотијата е во тоа што некој би дал пари соодветно на нивото на јавен интерес за некоја работа. Има луѓе кои плаќаат за да гледаат на самото место, па има телевизија, има рекламирање и промоција. Тешкотијата е што има толку многу спортски настани низ светот што нема доволно спонзори или луѓе кои ќе ги поддржат финансиски. Ова го имаме и ние кај нас во мотоспортот. Пониските категории се жалат: “Ние не сме на телевизија, треба да бидеме на телевизија за да најдеме спонзори. Но, вистината е дека кога би ги прикажувале сите овие категории, на телевизија би имало само мотоспорт, а на публиката тоа би можело да и се здосади и да го исклучи телевизорот. На крај, тоа сепак е прашање на интерес на публиката. Ако постои интерес од публиката, тогаш доаѓаат и парите. Ако интересот не е доволен, тогаш е многу тешко и мора да биде поддржано од аматери. Единствено што можеме ние да направиме е да ги одржуваме трошоците ниски за луѓето да можат да си дозволат да се занимаваат со тоа дури и ако нема спонзорства од надвор, затоа што нема интерес кај пошироката јавност.

– Минатата година ФИА основа фонд за развивање на безбедноста во светскиот мотоспорт, чиј претседател е г. Михаел Шумахер. Дали тој фонд можеби ќе им помогне на помалите земји да ја подобрат својата логистика за мотоспорт? Чувме дека фондот ќе потроши 60 милиони долари во наредните 5 години, а Македонија е една од земјите каде што нема вистински автодром или некоја друга патека на која можат да се одржуваат важни меѓународни трки.

– Она што може да го направи фондот е да помогне многу со објаснувања што треба да се стори. Какви огради ви требаат, какви области покрај патеката, какви објекти на рели и слично. Но, не може да плати за подобрување на патеката или за изградба на патека, зашто парите ќе исчезнат за миг. Ако зборуваме за голема патека, за неа ќе се потрошат сите 60 милиони долари. Но, фондот е наменет повеќе за да дава совети за патеките, а не да плаќа за инфраструктурата. Да испраќа официјални претставници и експерти кои ќе дадат експертски совети, но самата работа мора да се финансира локално, зашто во Фондот нема доволно пари за да се плати за тоа, дури и ако се работи за малку земји.

– Вие сте еден од основачите на EURO NCAP институцијата, која ја објавува безбедноста на новите возила, но од позиција на ФИА водите и кампањи за побезбедни патишта и автомобили кои помалку ја загадуваат животната околина.

– Кога го основавме EURO NCAP ги тестиравме речиси сите автомобили на пазарот и резултатите беа околу две ѕвездички. Ретко кој имаше три ѕвездички. Но, додека ние се стремевме да се воспостави стандард, сите производители почнаа да произведуваат возила со четири или пет ѕвездички, што е над стандардот. Сега, во проширената ЕУ, страдаат 50 илјади луѓе годишно. Замислете да има терористичка организација која годишно убива 50 илјади луѓе. Целиот свет ќе се преврти. А за сообраќајот велат дека тоа е дел од животот. Но, не е. Тоа може да се спречи. За тоа треба решителност и акција, но можно е драматично да се намалат овие бројки на жртви. Забележано е дека на еден ист пат ако се преземат одредени мерки, фаталностите можат да исчезнат иако луѓето и претходно и сега возат по истиот пат. Ние сметаме дека е дел од нашата работа да се залагаме за тоа.

– Како претседател на ФИА сте биле во позиција да се борите за многу работи, како на пример во кореспонденцијата со ЕУ во име на екипите од Формула 1, а во врска со рекламирањето на тутунските производи, сега за поголема безбедност на патиштата, исто така и за намалувањето на трошоците во мотоспортот и тн. Дали фајтерството е неопходна карактеристика за работа како Вашата?

– Мислам дека морате, ако е потребно. Секогаш треба да избегнувате конфликт и конфронтација, но морате некогаш да бидете подготвени и на тоа. Ако не, луѓето ќе ве прегазат. Бидејќи ние некогаш сме цел на нефер напади од некоја влада, или народи и индивидуи, треба да се бориме. Но првата реакција секогаш е да се бара помирување и да се одржи мирот. Мислам дека човек не треба да биде во потполност борбен или секогаш за помирување и компромис. Мислам дека морате да бидете подготвени и на двете работи. Луѓето понекогаш ме обвинуваат дека сум премногу настроен кон борба, но вистината е дека кога се борите, луѓето ќе чујат за тоа, а кога не се борите и го решавате проблемот мирно, никој нема да чуе за тоа. Значи, ако се борите, оставате впечаток, можеби и преголем. Како што реков, тоа е основен елемент и секој кој сака успешно да раководи со голема федерација ќе мора повремено да заземе став за конфронтација.

– При гласањето за доверба во јуни им пишавте на делегатите во Генералното собрание на ФИА дека имате намера да ја завршите кариера во 2009, но сега слушаме гласини дека вашите поддржувачи бараат од Вас да останете уште еден мандат. Ќе имаме ли шанса да Ве гледаме повеќе во мотоспортот наредните четири години или одлуката за откажување е дефинитивна?

– Тешкотијата е што во 2009 ќе бидам претседател на ФИА 16 години, а одговорен за спортот веќе 18 години. Тоа е многу долго време. Понекогаш во овие големи меѓународни федерации се забележува дека човекот кој раководи со нив обично останува премногу долго. А јас сакам да избегнам да останам предолго. Не сакам да бидам во позицијалуѓето да велат: “Крајно време е да си замине.“ Тоа не е во ред. Затоа реков дека ќе се откажам во 2009. Но, вистина е дека од сите делови на светот, што многу ми ласка, велат: „Не, тој мора да остане.“ Затоа нема да ја исклучам таа можност, но мислам дека времето за одлука по многу консултации ќе биде летото идната година. Сега можеби се чини премногу рано, но подобро е да си заминам премногу рано отколку предоцна. Тоа е исто како кога сте на вечера со некого. Доаѓа момент кога е време да си одите. Истото важи и за оваа работа.

Разговараше: Александар Табаковски

Објавено во Ф1 Алманах бр. 23

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни