Делегатот на ФИНА: В година во Охрид можна е трка од Светскиот куп!

igor velickovic ohrid 2017

Нововостановениот маратон на 10 километри во иднина ќе има претензии да биде главната атракција во водите на Охридското езеро, откако денешното прво издание на оваа трка помина во одлична атмосфера, која не остана не забележана и од специјалниот делегат на ФИНА, Игор Величкович од Словенија.

Иако манифестацијата не беше помогната од локалните власти, ниту од Пливачката федерација, туку само од Македонскиот олимписки комитет, за високиот гостин од светската пливачка федерација единствен проблем бил што немало повеќе време за да можат да се пријават што повеќе пливачи.

ДЕРБИ: Ова е нов маратон во програмата, но трка што се плива секоја година во Светскиот куп, на две години на Светските првенства, како и секои четири години како дел од Олимписките игри. Како вие ја видовте денешната трка во Охрид и како ја оценувате нејзината организација?

– Јас тука дојдов токму поради идејата што потекна од македонскиот легендарен пливач Александар Маленко, кој посакува тука да организира трка од Светскиот куп. Се обврзав и кон ФИНА дека ќе делувам советодавно за да му помогнам на организаторот да направи оваа трка. Се испадна фантастично, Охрид со своето езеро може да му конкурира на секој друг град на светот, мирно влегуваме во група на градови како што се Канкун во Мексико, Балатон во Унгарија, како и некои португалски метрополи. Се беше врвно, но имаше премалку време за да може да се привлечат пливачи за оваа година. Сега во ФИНА веќе се прави календарот за следната година и пливачите си ги планираат своите обврски од напред.

ДЕРБИ: Колку е навистина тешко да се влезе во календарот за следната сезона?

– ФИНА има навистина големи барања за да може да се дојде во позиција да се аплицира за трка од Светскиот куп, но со извештајот за денешната трка во кој децидно ќе го напишам она што го видов, а тоа е дека немаше никакви грешки, уште помалку груби повреди или нарушувања на регуларноста, верувам дека ќе се дојде до таква позиција. Има простор некои работи да се подигнат на повисоко ниво, но за тоа – потоа.

ДЕРБИ: Овие трки се прават со поголема посветеност кон публиката, бидејќи се покуси, со должина на класичен спортски натпревар. Имате ли некој пример со што би можела да се збогати програмата за да биде поинтересно за гледачите?

– Да, јас штотуку се вратив од Светското првенство во Унгарија и таму се беше беспрекорно и три нивоа повисоко од се што било претходно организирано. Вистина е дека овие трки се прават повеќе за да се привлече публиката, па така имаше огромни екрани за следење на трката, снимки од дронови, а пливачите носеа чипови со кои беа следени преку сателит. Сепак, имаше премногу малку време за сето тоа да се имплементира тука, но следната година ако имаме Светски куп во Охрид, и тоа би можело. Баш поради таквата техника, сите тие камери, луѓето гледаат и велосипедски трки по четири часа. Во пливањето има можност да се следи работата на еден пливач, неговите завеслаи, отчукувања на срцето итн.

ДЕРБИ: Колку трки има календарот од Светски куп сега и дали има шанси да се прошири за следната година?

– Ако не се лажам за оваа година се планирани осум трки, и тоа беше еден од проблемите на оваа трка бидејќи денеска најголемиот дел од пливачите беа на трка во Канада. Обично во овој период од годината се пливаат тамошните трки, а во септември се оди во Азија. Од мојата комуникација со ФИНА знам дека ако дојде до можност да се вметне трката во Охрид во календарот за идната година, тогаш таа ќе мора да се организира во јуни, бидејќи тој период е наменет за трките од ова подрачје. Има учесници кои доаѓаат од сите краишта на светот, на пример од Јапонија, па подобро е кога се стационирани во Европа за подолг период, наместо да треба да патуваат за секоја трка. Затоа, мора уште веднаш да се запне за организацијата за идната сезона, само така би можел Охрид да се најде во друштво на Будимпешта, Сетубал и Порто Бело.

meto malenko igor mane ohrid 2017

Facebook Коментари